Велешките гимназијалци на 14 март 1942 година го кренаа својот глас против воведување на бугарскиот како мајчин јазик во наставата и против асимилаторската политика што ја спроведувале бугарските власти врз македонскиот народ. Под раководство на Скоевската организација и велешкото партиско раководство, учениците застанале во одбрана на својот јазик и својата национална самобитност. Нивната храброст ја поддржале дел од наставниците, родителите и голем број граѓани на Велес.

Во почетокот на учебната 1941-1942 година средношколската младина од Велес предводена од СКОЈ-евската организација организирано им се спротивставувала на бугарските школски власти. Тие одбивале да носат бугарска школска униформа, не зборувале на часовите по бугарски јазик и не ја плаќале чланарината. Од ова школските власти биле изненадени. Решиле да ги казнат учениците кои биле иницијатори на ваквите активности. Ова ги предизвикало учениците да организираат штрајк. Школските власти одлучиле учениците кои ги сметале за организатори на немирите да ги исклучат од Гимназијата, а тоа биле Благој Кирков, Никола Стојанов, Орце Иванов, Благој Јанушев и Анче Андреев. Објавувањето на оваа одлука за исклучување на учениците од гимназијата била знак за отпочнување на штрајкот. Ноќта меѓу 13 и 14 март 1942 година штрајкувачкиот одбор одржал состанок и биле донесени последните инструкции. Изутрината на 14 март 1942 година на училишното ѕвоно никој од учениците не се одзвал.Бугарските школски полициски и воени власти од градот на оваа појава веднаш енергично реагирале. Преземени биле ригорозни мерки против учениците и граѓаните кои застанале на страната на учениците. Штрајкот по три дена бил прекинат, и истиот завршил со успех. Учениците низ ваквиот вид на отпор против окупаторот се подготвувале за конечна пресметка со него, за подоцна голем број од нив да стапат во редовите на партизанските одреди. Повеќемина ученици од велешката Гимназија ги положија и своите млади животи на браникот на слободата.

Штрајкот на велешките гимназијалци бил успешен. Бугарските власти не успеаа да го воведат бугарскиот како мајчин јазик во наставата, а сите исклучени ученици биле повторно вратени во наставата.