Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со 600.000 евра преку Програмата за рурален развој ќе ги поддржи четирите високо-образовни институции: Технолошко-техничкиот факултет од Велес, Факултетот за земјоделски науки и храна, Факултетот за ветеринарна медицина и Факултетот за прехранбена технологија и храна во Тетово .

Парите се наменети за опремување на лаборатории, за безбедноста на храна, за опрема за откривање тешки метали во храна, како и за обезбедување демонстративна опрема за студентите.

– Сите му се поклонуваат на царот, а царот му се поклонува на учителот – беше симболичната порака што ја упати министерот за земјоделство Арјанит Хоџа пред потпишувањето на меморандумите за соработка преку кои ќе се реализира финансиската поддршка за четирите факултети.

Според  Хоџа, клучно е  знаењето да стигне до секој земјоделец во државата. Сите земји со развиен агро сектор го должат тој развој на науката и истражувањето како основна алатка за напредокот и благосостојбата на производителите.

Ова е втора лабораторија која ја добива Технолошко-техничкиот факултет годинава. Пред околу една недела  Во рамките на Технолошко-техничкиот факултет во Велес се отвори Прехрамбено – технолошки центар за развој на иновативни продукти. На свеченоста по овој повот присуствуваше амбасадорката на Швајцарија  Сибил Сутер и министерот за локална самоуправа Горан Милевски.