Денеска на Изборното собрание во хотелот „Александар Палас“, Сејдини едногласно беше изгласан за претседател на ФФМ од делегатите кои беа присутни, вкупно 52. Тој беше единствениот кандидат.  Дел од општинските сојузи го бојкотираа собранието, беа присутни вкупно 52 делагати од 96. Немаше претставници на ОФС Тетово, ОФС Кочани, ОФС Струмица.

Сејдини, претходно, ја доби поддршката и од УЕФА, преку својот преставник во Скопје, Зоран Лаковиќ, и од ФИФА, преку претседателот Џани Инфантино кој имаше видео-обраќање до делагатите.

„Благодарност за довербата. Ќе продолжиме напорно да работиме, да ги овозможиме најдобрите услови за репрезентацијата, која обезбеди пласман на Европско првенство, како и услови за сите национални селекции. ФФМ ќе биде отворена за сите. Ќе продолжиме да вложуваме во инфраструктурата. Денеска е голем христијански празник Прочка. Јас сум муслиман, но чесност секогаш е моја водилка. Простете ако грешев“, рече меѓудругото Сејдини во говорот по реизборот за прв човек на ФФМ.

Но, Собранието на ФФМ не го признава Агенцијата за млади и спорт која вчера испрати соопштение дека нема да ги признае резултатите од истите поради неусогласеност на Статутот на ФФМ со Законот за спорт. Сепак, на Изборното собрание на ФФМ беше присутен заменик-директорот на Агенцијата за млади и спорт, Авни Рустеми кој по изборот му честиташе на Сејдини на новиот мандат. На Собранието беше присутен и генералниот секретар на Македонскиот олимписки комитет, Сашо Поповски.

Сeјдини e избран со нов мандат на чело на ФФМ како предлог на ОФС Кичево, а го подржаа уште 20 општински фудбалски сојузи од вкупно 26 колку што се членки на Собранието на ФФМ. На Собранието свои делегати, поради несогласување со досегашното раководство на ФФМ, немаа од општинските фудбалски сојузи од Струмица, Кочани, Тетово… Како што е познато, свој револт од начинот на кој се води Фудбалската федерација на Македонија под водство на Сејдини изминатиов период искажа и најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев кој побара и заминување на ова раководство на ФФМ.