По 30 јуни ќе се потврди дека цената на струјата ќе поскапи за минимум 15 отсто, а поскапувањето може да оди и до 18 отсто, предупреди денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Според него, Регулаторната комисија за енергетика ќе дозволи зголемување на сметките за електрична енергија за 2,5 отсто, додека останатите проценти ќе се должат на поскапата цена на струјата што поранешно АД ЕЛЕМ сегашно АД ЕСМ ќе ѝ ја понуди на компанијата „ЕВН хоум“ како универзален снабдувач.

Конечното поскапување на струјата кон фирмите и граѓаните ќе зависи од цената што ќе ја постигне Универзалниот снабдувач ЕВН хоум на тендерот за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар што треба да го објави во јуни.

Од Регулаторната комисија сметаат дека Македонија има најниска цена на електрична енергија во регионот по Србија и Косово.