Не смее пациентот да прашува зошто плаќа здравство кога платата ја дава во приватни болници. Пациентите земаа кредити за да спасат човечки живот за своите блиски. Тоа се недостатоци на здравствениот систем. Здравствениот денар мора да го следи пациентот, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа, Лилија Чолакова Дервишова претседател на здружение на приватни лекари.

Таа истакна дека повеќе не смее да се случува граѓаните да наидат на затворени врати во здравствениот систем, како што беше за време на пандемијата.

-Мора да има термини, треба да се работи во интерес на здравјето на граѓаните бидејќи на крај тие плаќаат од својата плата за да може да има здравствен систем кој ќе функционира. Целокупното здравство мора да работи, не смее да има прекин за прегледи за кардиоваскуларни заболувања, не смее да има прекин за ехо на дојка, простата, здравството во кризни ситуации мора брзо да реагира, бидејќи тука имаше застој и не смее да има затворање на врати како што се случи за време на пандемијата, рече Чолакова Дервишова.

Во однос на телефонското здравство кое стана тренд дури и кога бројките паднаа таа вели дека тоа е лош пример бидејќи докторот не може навремено да направи дијагноза како што треба ако не го види физички пациентот.