Набавката вредна 21.257.175 денари е  направена согласно побарувањата, односно потребите на Единиците за сообраќај во МВР, следствено на актуелните европски полициски стандарди во овој дел од полициското работење, согласно законските норми и согласно нашите проекции за развој и унапредување на функционирањето на сообраќајната полиција.

-За сите нас исклучително важен е фактот што безбедноста во сообраќајот веќе одамна ја третираме не само како прашање на почитување на законската регулатива од таа област или, пак, само како стручно опсервирање на квалитетот на сообраќајната инфраструктура туку, пред сѐ, како приоритетен сегмент, во кој се пресликува нашата посветеност за создавање на безбедни средини за граѓаните, но и поширока по обем проблематика од јавен, односно општествен интерес.

Оттаму сосема се логични и неопходни нашите секојдневни активности, не само во поглед на засилените сообраќајни контроли по патиштата низ државата, туку и во делот на материјално-техничкото унапредување на сообраќајната полиција за квалитетно извршување на своите работни обврски и надлежности. Во таа смисла денешнава промоција на 50 модерни, технички високо-софистицирани радарски уреди, што МВР по пат на јавна набавка ги обезбеди за службениците на сообраќајната полиција, е уште еден, за нас многу значаен исчекор, во насока на утврдената цел – зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.