Дел од граѓаните кои претходно се пријавиле за вакцинација против Ковид-19 на сајтот vakcinacija.mk, сега пред почетокот на масовната вакцинација која треба да почне во вторник со пристигнувањето на 200.000 вакцини од Синофарм, добиваат СМС пораки со термин за во друг град од нивното место на живеење. Луѓе кои живеат во Велес повикани се да се вакцинираат во Кавадарци, други пак од Скопје се повикани на вакцинација дури во Охрид и така натаму. Велешанка на скоро 90 годишна возраст добила известување дека треба да се појави на вакцинација во Кавадарци. Објаснување нема зошто ова е направено. Посебно нелогично е што граѓани од оваа возрасна група се праќаат на вакцинација во други градови. Велешанката никогаш не била жител на друг град но сепак терми за вакцинација добила во Кавадарци. На Фејсбук групата „Ковид-19 Искуства и совети“ дел од нив разменија искуства за ваквиот проблем.

Од МојТермин за ТВ Телма посочуваат дека СМС пораките се испраќаат на бројот кој е оставен за лицето при неговото пријавување за вакцинација. Дополнително се правдаат на грешки од самите граѓани или матичните лекари. -Доколку е пријавен преку vakcinacija.mk добива и е-маил. Ако е пријавен преку матичен лекар добива само СМС на бројот кој го има во неговото досие кај матичниот лекар. Пунктот за кој добил термин самиот го избрал или е избран од матичниот лекар. Доколку погрешно се пријавиле, може да се пријават уште еднаш, за да добијат нов термин или да се обратат на vakcinacija@zdravstvo.gov.mk. вели Жаклина Чагоровска, од националниот електронски систем „МојТермин“.