Медицинската екипа од Велес веќе две недели се на скопските клиники на првата линија во борбата со коронавирусот. Што тие имаат да ни порачаат прочитајте во прилогот. Велес е со вас

Тешка е ситуацијата. Дежурствата се релативно тешки, а опремата додава уште поголема тежина во целата ситуација. Стресно на моменти, но како доктор сум се заколнал по Хипократ дека ќе се борам максимално за здравјето на пациентите. Затоа чувствував морална обврска да одговорам на повикот и да ја прифатам задачата, без разлика колку и да е истата опасна, вели Др. Цветко Арсов

Мислев дека знаев нешто за Covid19, мислев дека знаев што може да направи тој вирус. Следев најнови прилози на јутуб со што всушност се соочуваат пациентите со тешка клиничка слика. Доаѓањето во 8ми септември ми покажа дека уствари ништо не знам. Наеднаш повеќе го немаше јутјуб, туку Вухан и Ломбардија во живо. Гледајќи ја состојбата на тие пациенти, гледајќи ја голготата што ја минат тие луѓе, на моменти осеќам страв. Велат во оваа професија нема емоции, но не можеш да си рамнодушен кога секаде околу тебе мириса на смрт и агонија ни изјави тех. Ангел Драскачев.

Како медицинска сестра работам веќе 35 години. Целата моја кариера ја поминав на инфективното одделение во Велес. Сум била во први борбени линии за време на епидемијата со Свински грип, потоа морбили, епидемија на паротит. Но ова е нешто поразлично. Вирусов не направи еден на друг да бидеме волци и да не знаеме од кого да се пазиме. Јас искрено се надевам дека ова лудило ќе заврши што побрзо и никогаш повеќе нема да се повтори,вели меддицинската сестра Валентина Арсова.

Во првиот момент, мислевме дека ќе ги имаме истите обврски како во велешката болница. Но кога стигнавме таму, не чекаа машини за дишење, не чекаше невиден хаос и една тажна слика. Се молам ова да заврши што побрзо, кажа медицинската сестра Славица Митрова

За тежината на нашата работа би можела да зборувам со часови, но тоа ме исцрпува и мене и тие што би слушале. Што мислите, како ни е на нас,кога ќе видиш млад човек,поставен на респиратор,интубиран,со ниска сатурација ,и висока температура? А не е еден. Даваш, терапија, се надеваш дека ќе успее, но не секогаш. Затоа верувајте,тешко е во скафандер,но и тешко се оздравува. Пазете се,практикувајте го тројното својство,инаку болниците ќе лечат од корона уште долго, истакна медицинската сестра Анета Јованова.

Колеги во Велес,колеги и тука! Сплотени заедно,се трудиме од петни жили да ги извршуваме дадените задачи,иако мислиме дека времето ни е кратко и за нас,и за пациентите. Влегуваш во шок интензивна,со верба да видиш дека некој од пациентите што си ги оставил претходно го екстубирале,се разбудил. Се трудиш да му помогнеш на секој од нив подеднакво,не прашувајќи за име,за возраст. Ги следиш нивните симптоми,делиш терапија,ги средуваш, а од тебе тече река од пот,ама не ни размислуваш за тоа,само некој да се разбуди. Има надеж,но внимавајте! Ако се чувате,се ќе заврши побрзо за сите за вас ,вашите родители,баби,дедовци….тешка е оваа болест,никој не е недопирлив и секој е потенцијална мета! изјави Тех. Зоран Пановски