Вчера со проекцијата на новиот македонски игран филм „Стела“, се отвори киното во Велес. Киното е инвестиција на Општина Велес од 67.000 евра и се наоѓа во просториите на поранешната сала „Бели мугри“.

– Прекрасна и незаборавна вечер. Велес по околу 20 години доби кино со најсовремена опрема во земјата. Свечено го отворивме со одличниот филм Стела, во чие создавање учествуваа и двајца велешани. Љубојна со нивната музика го надополнија прекрасниот впечаток.
Нека е со среќа!, напиша градоначалникот на Велес, Аце Коцески на својот Фејсбук профил. Салата има капацитет за 240 гледачи, но сега согласно протоколите за работа на кината, ќе може да прими 80 гледачи. Проектот беше приоритет во работата на градоначалникот и општината од областа на културата во 2020 година и еден од најзначајните во изминатите децении, кој Велес ќе го вброи во водечките културни центри во државата.