По повод јубилејот 25 години од одржувањето на првиот концерт, од „Фолтин“ најавуваат три бесплатни концерти за вљубениците на оваа музичка група што ќе се одржат во текот на јули. На летната сцена во Центарот за култура во Струга ќе настапат на 25 јули, додека на 29 јули „Фолтин“ ќе го одржат концертот во Прилеп на летната сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“. Последниот од низата концерти ќе се одржи на амфитеатарот во Велес на 31 јули.

Сите концерти започнуваат во 21 часот, а влезот за посетителите е бесплатен, информираат од „Фолтин“.

На претстојните концерти ќе се свират најновите и најубавите стари песни. Од групата најавуваат концертна промоција и на песните од најновиот албум “Симултан бакнеж”, кој беше промовиран на почетокот од јули во МКЦ – Скопје.

Домашната мини турнеја низ земјава е финансиски поддржана од Министерство за култура и се одржува во соработка со Центрите за култура од наведените градови и Општина Велес.