Министерот изјави дека секојдневно се следат и се анализираат состојбите на терен, а доколку има простор и потреба, Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство ќе препорачаат и дополнителни рестриктивни мерки. Следна мерка, рече Филипче, би можела да биде полициски час. „Сè повеќе одделенија се пренаменуваат да третираат пациенти со Ковид-19. Многу веројатно е дека за кратко време тоа може да доведе до намалување на обемот на нормалната работа на одделенијата, редуцирање на термините преку системот ‘Мој термин’ како за прегледи така и за интервенции, дијагностички или оперативни. Сите се посветени на оваа работа – координаторите на интерните клиники, Инфективната клиника, во болниците сите одделенија практично и целокупниот кадар е посветен и по систем на ротација спремен да помогне во третман на ковид-пациентите, но тоа оди сè потешко“, изјави министерот.