пишува: Зоран Љутков

Три години стара слава која исчезна во првиот момент откако се одроди од граѓаните ! Три години инат !
Три години наведнат поглед ! Три години против себе! Три години во одбрана на она во што ни сам не веруваш ! Три години без кичма, по која некогаш те познавале . Некогаш ти се радуваа, сега те одбегнуваат.Некогаш трчаа да се поздрават со тебе, денес ги одбегнуваат и тие што од куртоазија те поздравиле . Три години инат и ситење кон граѓаните, за трите црти во изводите, против Македонија, Македонското, Македонците ! Три епски порази на отворена сцена во Велес, референдумот што ТИ го бранеше доживеа дебакл од велешани, кандидатот за претседател кој ТИ го препорачуваше доживеа дебакл од велешани и претстојниот што неминовно те очекува на 15 јули,кој ќе биде последната лопата врз трите години инат ! Со малку пријатели, а ужасно многу крокодили кои едвај чекаат да те расчеречат, се обидуваш да покажеш студенило кое веќе алармантно те лади, џентлменство кое никогаш не ти било својствено и насмевка од која ти се плаче ! Граѓаните ти се смеат поради затворениот базен, мостот кон Речани, гасификацијата на градот, катните гражи и приземните реализации . Те колнат поради ужасната инфраструктура,згаснатата култура и те жалат поради калта во која шлајфуваш во место.
Секој ден на функцијата ти е мачење. Ти се мачиш поради лешинарите околу тебе, а граѓаните се мачат поради тебе .
Порано твоите не ти даваа да се качиш на бина во својот град, сега пак твоите единствено тебе ќе те обвинуваат за дебаклот што им следи. Веќе ништо не зависи од тебе, освен инаетот на кој имаш право уште само неколку месеци ! Ти попува секој што ќе почувствува потреба за тоа, црвенееш пред разноразни протуви и шалабајзери, кој немаат ни осмина партиски стаж и заслуги од оние што го имаш ти.
Ама слушаш, климаш со главата и ветуваш дека ти си гарант на нивните интереси. Градот повеќе не е твој, ама остануваш за инат !
За инат и ќе си траеш,чмаеш, додека пред тебе се договараат кој да го отвори “новото кино” пред избори и кој да се закити со перје на твоја сметка ! Те боли што општината останува колку толку функционална и без тебе, па за тоа и неа ја наградуваш со инат ! 
Ти посакувам во добро здравје да ти поминат десетината месеци што преостанаа, но ти и добрата желба нема да ја сфатиш добронамерно како што е упатена, од инат!