Се обновуваат стари жаришта, а има и нови пожари. Загрозени села нема, но ветрот може да ја смени ситуацијата.

Во регионот на Штип, Пожарите кои беа активни на две локации, Трботивиште – Нов Истевник и во Разловци, општина Делчево, се во потполна контрола и нема никаква опасност од нивно ширење.

Во општина Берово сѐ уште е активен пожарот на потегот Будинарци – Митрашинци, каде што гори борова шума. Загрозени села од пожарот во моменот нема.

Вчера во 12 часот стасала дојава за пожар кој избувнал во атарот на селата Драгоево и Селце во општина Штип, каде гори сува трева, смрека и нискостеблеста шума. Пожарот е сѐ уште активен, а со гаснењето ќе се продолжи во текот на денешниот ден.

Во Скопскиот регион, во општина Сарај, пожарот кај Раовиќ – Буковиќ се движи кон сртот, нема опасност за селата, гори мешана шума и е на многу непристапен терен. Доколку ветрот го смени правецот, луѓето ќе бидат во опасност.

Во врска со пожарот кај Катланово, односно Дивље и Крушје, поради интевенција од воздух, гасењето од земја било оневозможено.

Во Битолскииот регион, во текот на вчерашниот ден повторно е реактивиран пожарот кај селото Топлица, општина Прилеп, покрај магистралниот пат Прилеп-Градско. Според последните информации, реактивираниот пожар се движи кон атарот на село Крстец. Гори дабова и букова шума и сува трева.

Во регионот на Куманово, од ноќеска повторно е активен пожарот во атарот во селото Дренк, на тромеѓа помеѓу селата Дренк, Жељубино и Аљинце.