Состојбата со коронавирусот во земјава е стабилна и нема никакви знаци дека нешто ја влошува, оценува министерот за здравство Венко Филипче, но апелира граѓаните да бидат претпазливи, да ги почитуваат мерките оти секогаш може да се јави мутација на вирусот која би била позаразна од оние кои циркулираа.

Од Министерството за здравство пак, вчера информираа дека во последните 24 часа се направени 3.109 тестирања, а регистрирани се 16 нови случаи на КОВИД-19. Оздравени се 38 и седум лица се починати. Досега во земјата се направени вкупно 807.837 тестирања на Ковид-19.

Министерот Филипче вчера посочи дека здравствените установи се вратија на своите примарни дејности и потенцира дека сега не се чувствува наплив на пациенти со други заболувања затоа што сите болници покрај што лекувале од КОВИД-19 давале услуги од својата примарна дејност.