Во однос на мерките, министерот кажа дека не ја исклучуваат можноста за карантин и дека тоа веќе го најавиле пред два дена. „Сметаме дека младите луѓе, и тоа го гледаме од епидемиолошките слики, кои што продолжуваат со комуникација без почитување на превентивните мерки по затворање на угостителските објекти се еден голем трансмитер на вирусот“, изјави Филипче.

Лекарската комора ја повика Комисијата за заразни болести сериозно да го земе предвид воведувањето дополнителни рестриктивни мерки и протоколи, бидејќи, како што наведе во соопштението, се наоѓаме во исклучително сериозна состојба, од која може да излеземе само ако сите почнеме одговорно да се однесуваме и да ги почитуваме мерките за заштита.

Тие како здравствени професионалци признаваат дека овие мерки се крајно непопуларни, но сметаат дека во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје повеќе од потребно е нивно воведување.