За да влезете во Грција, задолжителни се два документи, едниот е специјален образец (PLF) со лични податоци, адреса и траење на престојот во земјата, што се пополнува на специјален сајт до еден ден пред патувањето, а вториот е документ со кој што се докажува вакцинација или негативен ПЦР тест или прележана болест.

Граничниот премин Евзони (Богородица) е отворен од 7 до 23 часот по грчко време, односно од 6 до 22 часот по македонско.Грција ги признава сите вакцини, а не само оние одобрени од Европската агенција на лекови како што е случај со други земји членки на Европската унија. За патување со сертификат за вакцинација дозволен е влез доколку се поминати 14 дена од ревакцинацијата, а потврдата треба да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа.

Доколку се патува со негативен ПЦР тест, треба да биде до 72 часа пред пристигнувањето во Грција, да биде направен во одобрена приватна или државна лабораторија и да биде на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик. Во Грција може да се влезе и со потврда за прележан COVID-19

Овие правила не важат за децата до пет години.

Од 1 јули минатата година, Грција воведе специјален образец (PLF), задолжителен за сите кои пристигнуваат во Грција, без разлика дали е тоа со авион, со брод или преку копнените граници, и со тоа граѓаните добиваат единствен QR-код што е поврзан со алгоритамот за селекција на лица што ќе бидат тестирани со рапид тестови за COVID-19 по случаен избор. Македонските граѓани кои сакаат да ја посетат Грција ќе треба, до еден ден пред патувањето да се регистрираат на интернет страницата https://travel.gov.gr/#/ и да го пополнат „Passenger Locator Form (PLF)“, образецот со лични податоци, траење и адреса на престојот, а на граничните премини може да се покаже или од мобилните телефони или во отпечатена верзија.