По три години пауза, велешкиот ММА борец, Дејан Стефаноски, се враќа во октагонот. Причина за долгото отсуство биле многуте проблеми со кои се соочил нашиот борец, како и смртта на мајка му.

  • Имав три лоши работи што ми се случија. Прво мојата мајка почина, потоа требаше да имам борба во мојот Велес – се откажаа 15 дена пред настанот поради коронатавирусот, за на крај да имам тешка повреда во која скинав мускул за време на тренинзите. Исто така морам да напоменам дека изминативе неколку години, особено за време на коронавирусот, многу ми помогнаа спонзорите и ми овозможија сè што ми беше неопходно, открива за ВЕЧЕР – Стефаноски.

Иако сè уште не во топ-форма, сепак Стефаноски верува дека наскоро ќе се врати на посакуваното ниво. Тој ќе мора да одработи неколку борби за повторно да добие шанса да се натпреварува во една од најдобрите организации при ММА.

  • Во моментов сум во тренажен процес и сум 50 отсто подготвен. Сигурен сум дека ќе се подготвам 100 отсто бидејќи знам колку ми значи оваа борба. Иако сè уште не го знам противникот, но ќе биде исклучително тешко бидејќи во октагонот се враќам по пауза од три години. Едно знам, ќе ставам срце во кафезот! – вели македонскиот ММА борец.

Со оглед на проблемите со кои се соочил, силното момче од Велес најавува големо враќање на сцената, а воедно имаше и порака за својот следен противник.

  • На мојот противник му порачувам да се подготви најдобро што може, затоа што оваа борба ќе ја посветам на мајка ми, а тоа значи дека ќе го дадам максимумот од себе. За оваа борба формата ја брусам во мојот град Велес, во „Будо“, со тренерите Раде Стефановски и Славче Тренковски. Потоа, 20 дена пред борбата ќе одам на „Американ топ тим Загреб“, каде што тренери ќе ми бидат Дражен Форгач и Саша Дробац, додаде Стефаноски.

Како и секој ММА борец така и Стефаноски за крај ги откри своите цели за во иднина.

  • Моја цел е да дојдам до победа на овој меч, а потоа борбата ќе ме однесе во голема организација, во која ќе се слуша моето име во светот, заврши велешанецот.

www.vecer.press Кристијан ТРАЈКОВСКИ