Поранешниот началник на СВР Велес, велешанецот Игор Ангеловски почина синоќа на Инфективната клиника во Скопје како последица на Ковид-19. Ангеловски беше хоспитализиран на инфективното одделение во велешката болница на 7 октомври. Откако состојбата му се влошува, една недела подоцна тој е транспортиран на Инфективната клиника во Скопје, каде што синоќа починал. Претходно, неколку дена бил прикачен на респираторна машина. Тој е најмладата жртва на коронавирусот во Велес. Имаше 41 година. Игор Ангеловски беше началник на СВР Велес во периодот од 10 јануари до 27 јули годинава, како предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. По професија беше магистер по дефендологија. Работел во единицата за специјални задачи „Тигар“, бил инструктор во Центар за обука во Идризово и самостоен инспектор во Крим техника во СВР Велес . Исто така бил инспектор во обезбедување на ВИП личности и објекти. Ангеловски е 25 велешанец, жртва на коронавирусот од почетокот на епидемијата.