Се очекува да поскапат цигарите на домашниот пазар најверојатно уште од почетокот на следниот месец. Според неофицијалните информации од тутунската индустрија, цената на цигарите за една кутија ќе порасне околу 10 денари. Покрај неповолните нагорни трендови кај цените на енергенсите и репроматеријалите, притисок врз цените на цигарите, но и другите производи за широка потрошувачка прави и годишната инфлација. Според мисијата на Меѓународниот монетарен фонд, инфлацијата во Македонија во 2022 година ќе изнесува околу 3,9 отсто. На цената на цигарите влијае и редовното годишно зголемување на акцизата. Од 2013 година, па сѐ до 2023 година, акцизата на цигарите се зголемува за најмалку пет денари по кутија. За да се ублажи растот на цените на цигарите, некои производители и увозници на цигари, носеа одлуки да преземат дел од трошокот за зголемената акциза.