Корона кризата и забраната за патување ги смени плановите на македонските граѓани за годишен одмор. Кај голем дел од граѓаните постои страв летниот одмор да се помине надвор од земјата, дури и кога границите би се отвориле и кога кризата со корона вирусот би била ставена под контрола. Некои веќе ги откажаа аранжманите и си земаа ваучери од туристичките агенции, а некои сè уште се мислат. Поради тоа, многу од граѓаните годинава се решија да летуваат дома, но по цени како за на море.

Охриѓани ја искористија оваа можност и ги качија цените на сместувачките капацитети кој се движат од 25 евра на ден па нагоре. Некои од сопствениците кој ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека сега им е шансата и оти треба да ја искористат.

– Јули и август ни се најјаки месеци и ако сега не заработиме кога. Знаете дека поради короната немавме гости ниту за велигденските, ниту за првомајските празници, а и јуни беше многу слаб. Затоа сега се надеваме дека овие два месеци ќе имаме гости и ќе успееме да ја спасиме сезоната, вели една охриѓанка која издава апартмани во центарот на Охрид.

Високите цени на сместувачките капацитети во Охрид ги премислија и оние македонските граѓани кој добија ваучери за туризам по 6.000 денари и кој наместо во Охрид решија да летуваат во Дојран или Преспа.

-Добивме ваучер за туризам од државата и сакавме да летуваме во Охрид, но кога ги видовме цените се премисливме. Со ваучерот во Охрид можеме да летуваме само неколку дена, ама не е само сместувањето туку и храната и услугите се поскапени. Затоа решивме ваучерот да го искористиме во Преспа или во Дојран каде што нема толку гужва, а и цените се пореални, вели Елена од Скопје.

Некои од граѓаните, пак поради короната годинава нема да ризикуваат да одат на одмор, велат дека може некој викенд на поминат на планина на чист воздух кој по карантинот и тоа како им е потребен. Сепак, за некој цената на аранжманот не е пресудна, туку заштитата и безбедноста од корона-кризата. Поради тоа, годинава голем број на домашни туристи нема да патуваат далеку од своите домови.

Од туристичките агенции велат дека и покрај можност ваучерите за Грција да се искористат за некоја од домашните туристички дестинации засега нема голем за такво нешто. Дел од туристичките агенции во своите понуди ги имаат и домашните хотели, но тие за македонските граѓани се многу скапи и не можат да си ги дозволат. Од друга страна, за летување дома немаат потреба од туристичка агенција туку можат самите да си најдат сместување преку интернет или на лице место.

За разлика од кај нас земјите од соседството за да привлечат повеќе домашни туристи ги намалија цените на сместувачките капацитети. И туристичките работници велат дека и покрај забраната да се патува во странство, интересот за домашните места годинава нема да се зголеми поради високите цени.