Владата на денешната редовна 99-та седница ги донесе најновите мерки, протоколи и препораки за заштита на здравјето на населението од ковид-19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.

Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат, потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест, или

– сертификат, потврда за прележан ковид-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18 годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство, учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.