Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски бара од трговците да имаат разбирање во однос на намалувањето на маржата на 33%. „Тоа е што ние можевме како Регулаторна да го направиме. Ќе дојдат мерките од Влада, барам разбирање од страна на трговците“, рече Бислимовски на брифинг со новинарите. Речиси сите трговци реагирале на последните измени кои ги воведе РКЕ, но во овој момент никој не информирал дека ќе прекине да точи гориво во знак на протест. Инаку малопродажната цена се утврдува со просек од последните 5 дена на цените на светските берзи. Според берзата, денеска се очекува ново зголемување на цените на малопродажба кај нас, тоа официјално ќе го објави вечерва регулаторната комисија. Цената на горивата за два дена двапати се зголеми. Во понеделникот согласно новата одлука на РКЕ, бензините поскапеа за 5,5 денари, а дизелот за десет денари. Со новата одлука на Регулаторна донесена вчеравечер, горивата од полноќ повторно се продаваат по повисока цена, цените на бензините се зголемија за 3,5 денари, а дизел горивото поскапе за 8,5 денари.

За два дена, цената на бензините поскапе за 9 денари, а дизелот се продава по повисока цена од 18,5 денари.

Ова се актуелните цени на горивата во Македонија:

Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95- 93,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98- 95,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V)- 94,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 90,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 59,165 (денари/килограм)

Од РКЕ велат дека ваквото зголемување се должи на зголемувањето на цените на светските берзи кај нафтените деривати, но и зголемување на курсот на доларот во однос на денарот.