Основното јавно обвинителство Тетово испратило истражители во Министерството за здравство за да ја подигнат документацијата за изгорената модуларна болница во Тетово, а истовремено побарале помош од велешкото ОЈО за одземање на документацијата што ја има за градбата на модуларната болница што ја има компанијата „Брако“.

Ова се последните преземени активности во обидот да се утврди како настанал пожарот во кој 14 лица трагично ги изгубија животите.

„Доставена е наредба да се обезбеди целокупната документација по однос на градбата на модуларната болница при ЈЗУ Клиничка болница во Тетово. Побарано е да се обезбедат податоци во врска со лицето кое било одговорно за раководење со изградбата, лицето кое имало овластување за надзор при градбата на истата, да се достави извештај дали е извршен технички прием и доколку е извршен – кој го извршил и кои лица ја изготвиле техничката спецификација за јавната набавка за модуларните болници изградени во Република Северна Македонија. Исто така, издадена е и наредба за градежно вештачење до Градежен институт ’Македонија’, за да се подигнат примероци од опожарениот вграден градежен материјал од самото место на настанот – под, таван, ѕидови, прозори, врати, изолација и слично од модуларната болница, со цел да се испита и да се образложи од каков материјал се изработени, каков материјал е вграден во модуларната болница во Тетово и да се преземат и други потребни дејствија, кои се во насока на утврдување на составот на градежните материјали“, соопштија од Обвинителството.