Владата вечерва на седница донесе Протоколот за влез во Македонија на странски дипломати акредитирани во земјата и членови на нивните семејства, и го задолжи Министерството за надворешни работи веднаш да ги извести сите странски дипломатско конзуларни претставништва акредитирани во земјава за усвоениот Протокол.

„Согласно Протоколот, странските дипломати и членовите на нивните семејства при влез во земјата начелно не треба да бидат изземени од мерката задолжителен карантин.

Со цел да се почитува Виенската конвенција за дипломатски односи, а во исто време и да се почитуваат националните закони и правила (кои дипломатите согласно Виенската конвенција мора да ги почитуваат) мерката државен карантин ќе се применува само онолку колку што е нужно“, соопшти владината прес-служба.

За спроведување на овие мерки се задолжени Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство.