Македонците Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко од Башино Село пред двеста години формирале заедничка „фирма“ во која двајцата вложиле по 5000 гроша „броени пари“! Секако, освен „броените пари“, во „основачкиот капитал“ влегол и подвижен и недвижен имот што го поседувале трговците како самостојни „бизнисмени“.

Притоа сето ова го „ставиле на хартија“, односно потпишале документ за заедничко вложување во кој се прецизирани обврските и должностите кои произлегуваат од договорот, како и начинот на распределба на профитот.

Според документот пронајден во архивата на Македонското научно друштво во Софија, договорот бил потпишан на 5 јануари 1814 година кога османлискиот грош тежел 6,41 грам, а во него имало само 2,95 грама сребро!

Два документа од 1815 година

Се разбира, документите од тоа време не се интересни само поради нивната содржина, туку и поради писмото и јазикот на кој биле напишани. Станува збор за исклучително важно пишано сведоштво за јазикот и писмото на кој комуницирале Македонците пред два века. А, освен документот за „ортаклк“ потпишан од Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко, постои и уште еден докумен за „бизнис-зделка“ од тоа време склучена меѓу купувачот Мартин Стоимиров и продавачот Хаџи Тасе од Прилеп.

Со документот потпишан од Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко се утврдува дека „содружниците“ ќе ја делат печалбата и загубата за четири години, а по истекот на четирите години повторно ќе може да се договорат да продолжат со заедничка работа. Договорот за „ортаклк“, како што го нарекуваат самите, е напишан на велешки дијалект, па и од тој аспект е многу интересен за јазична интерпретација и анализа. Еве што пишува во документ:

„От денеска овде покажуам како се чиниме ортаци сос Хаджи Тасета. И тури капитал 5.000 гроша броени пари да работат. На среде от овие пари, што ке им даде госпот – или кар или зарат – братски да делат наполу. И имаме збор за четири години да работиме заедно ортаклк. Откак се сврши това време, ако сака и еден и друг, пак можат за повеке време да останат; затова правиме две писма едно како друго, да се знае.

1814, јануари 5. Башино село. Ас Хаджи Тасе. Јас Мане Хаджи Петко.“

Веднаш под потписите додадено е дополнение, или анекс, како што би рекле денес, во кој се прецизира работата на нивната „банка“ како составен дел на фирмата: „Како е горе згрешено не сме покажале од овиа капитал ште требат повеке пари, или десет хилади или дваесет – да стои добр (жирант н.з.) Хаджи Тасе секои пат, и да работат сос фаиде (камата н.з.) по 50 пари на месец на сто-то.“

Според тоа, Хаџи Тасе е овластен да работи со позајмување на „броени пари“ со месечна камата, и за тој дел од бизнисот ќе гарантира и одговара лично тој.

Значи, според документот, Хаџи Тасе во фирмата вложува 5.000 гроша „жива пара“, но вложува и капитал во иста вредност како Мане Хаџи Петко, што значи дека „компанијата“ располага со капитал од неколку десетици илјади гроша. Фактот дека „десет или дваесет“ (илјади гроша) секогаш ќе му бидат на располагање на Хаџи Тасе за „лихварскиот“ дел од бизнисот, и дека е договорено да ги дава на „клиенти“ со договорено „фаиде по 50 пари на месец за сто-то“, зборува дека станува збор за бизнис кој опфаќа неколку сегменти, односно не само трговијата што најверојатно е главниот дел од дејноста на компанијата „Хаџи Тасе и Петко“ формирана пред 200 години во Башино Село кај Велес.

Зошто Хаџи Тасе бил одреден да го води „лихварскиот бизнис“, а Мано Хаџи Петко другиот дел од работата, знаат само тие, односно тоа секако е еден вид „деловна тајна“.

И вториот документ се однесува на „бизнис“, односно на трговија со договор за одложено плаќање. Документот е од 1815 и е пишуван на македонски јазик, односно мешавина од неколку дијалекти со неколку старословенски зборови. Ставајќи старословенски зборови во текстот, составувачот на договорот веројатно сакал да се покаже дека е „учен човек“, дека користи речник богат со „странски“ зборови, како што и сега прават разни наши „експерти“ и „интелектуалци“, користејќи купишта странски збориви и термини само за да звучат паметни и „ученио“.

Сепак документот е важен не само поради употребата и на зборови од народниот јазик, толку и таму каде што оној што го пишувал не можел да најде туѓ збор за да го замени, туку и поради содржината на текстот, кој повторно е поврзан со трговија и начинот како во тоа време се водел „бизнисот“ во Македонија. Еве го вториот документ:

„Со сим моим тесјуком знаном творјо, како ас долу потписани савакому суду, како зех стока од х.тасета за гроша 640: и по слово велам шестотини и четириесе и имаме ваде (рок. н.з.) да се наплатиме на Петрич паначур без реч и бес никое прекословие: зато дајо мое рукописание да е за увиериение.

1815 јулија 29: Прилеп“

Под текстот на договорот се потпишани неколку сведоци, заедно со купувачот – „Мартин Стоимиров с ортаци добри платци“, како и жирантот Хјудаверди, Ерменец, како што самиот се идентификува, и сведокот –„аз, Панчо Софиали абаџи“.

Станува збор за договор за одложено плаќање од неколку месеци, бидејќи панаѓурот во Петрич се одржувал секоја есен. Договорот е напишан на половина бел лист, свиткан наполу, со воден жиг што ја потврдува мануфактурата каде што била изработена хартијата. Станува збор всушност за признаница дадена на 29 јули 1815 година во Прилеп од трговецот Мартин Стоимиров, роден во Софија, кој во Прилеп за 640 гроша купил роба од трговецот Хаџи Тасе, со рок на отплата до панаѓурот во Петрич, кој се одржувал наесен, и кој, заедно со панаѓурот во Струмица, бил најголем панаѓур во тој дел на Македонија. Што купил „Мартин с ортаци добри купци“ не пишува, но сигурно купил нешто што сметал дека ќе го продаде во оние неколку дена колку што траел панаѓурот, и дека од тоа ќе заработи добра пара, можеби дури и двојно повеќе од долгот од 640 гроша, без камата. Всушност, камата веројатно и не е пресметана, или барем таква обврска нема во договорот.

Колку вредел еден грош во почетокот на 19 век?

Колку биле богати Хаџи Тасе, Мано Хаџи Петко и другите македонски бизнисмени од почетокот на деветнаесеттиот век? Со колкав капитал располагале, односно колку вредел нивниот капитал во однос на куповната вредност на грошот?

За да ја утврдиме барем приближно вредноста на тогашниот грош, односно колку денес би вредел еден грош, колку би била неговата противредност, или куповна моќ, се обидовме да најдеме некакви бројки во нашите стари ракописни книги, турските дефтери и пописни статистики, како и во прегледите што ги воделе тогаш се уште младите балкански земји во однос на цените и вредноста на паричните единци кои биле во оптек.

Во 1820 година, значи само шест години по потпишувањето на договорот меѓу Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко за „ортаклк“, османлискиот грош, паричната единица со која работеле нашите трговци, тежел 6,41 грам, бил со чистота од 46 проценти, значи во него имало само 2,95 грама сребро. Две години подоцна продолжило обезвреднувањето на грошот, па тој сега тежел само 4,28 грамна, бил со чистота од само 54 проценти, што значи содржел 2,32 грама сребро, иако само единаесет години пред тоа еден сребрен грош тежел 9,60 грама, имал 46,6 проценти чистота, или 4,42 грама сребро. Или, ако се земат како репер 1780 година, кога грошот тежел цели 18,50 грама, и 1822 година кога содржел само 4,28 грама, вредноста на османлиската валута се намалила за близу пет пати.

Дали ваквиот пад на вредноста на грошот имала влијание на бизнисот на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко овде не би можеле да тврдиме, особено затоа што тие веројатно своите „загуби“ во трговијата ги покривале со каматите од „лихварството“, како што сега прават банките, но дека во такви околности бизниот постојано бил под притисок од можен банкрот, зборува и она што се случувало во Србија.

Двојното книговодство на Милош Обреновиќ!

Во периодот од 1815 до 1839 година, значи кога Хаџи Тасе и Мано Хаџи Тасе од Башино Село формирале и раководеле заедничка фирма во рамките на Османлиската империја, северно од нас, во Србија, со вазалната српска држава, односно кнежевство, владеел Милош Обреновиќ, најбогат човек во Србија и еден од најбогатите на Балканот. Кон крајот 1821 године, Портата во Цариград издала ферман до сите везири и кадии во европскиот дел на царството, со кој го фиксирала девизниот курс на европските пари во однос на грошот. Било наредено локалните старешини да примаат разни видови пари на име на државни давачки по фиксен курс, а според него да работат и сарафите на локалниот девизен пазар.

Ваквата мерка сигурно ги засегнала и нашите „бизнисмени“. Било наредено девизниот курс на грошот во однос на австрискиот дукат да остане на ниво од 15 гроша за еден австриски дукат, дури и кога неговата цена во менувачниците кај сарафите веќе достигнала 18 гроша и 20 пара; исто така, цената на австрискиот талир морала да остане на ниво од 6 гроша и 20 пари, кога талирот кај белградските сарафи, на пример, се продавал по 8 гроша. Сметајќи дека примената на ваквиот принуден, нереален девизен курс може да му нанесе голема штета на локалното стопанско и финансиите, осoбено нему како најбогат Србин, Милош Обреновиќ одлучува да собира порез и да ги плаќа државните давачки на Османлиите по цена на парите која ја пропишал султан Махмуд Втори, но паричните трансакции на пазарот да се обавуваат по девизни курсеви кои слободно би се формирале во менувачниците.

Незадоволни од самоволието на кнез Милош, Османлиите во 1822 година повторно го актуализираат ферманот издаден кон крајот 1821 година, но Милош протестирал кај белградскиот везир Абдурахим паша, и продолжил по старо. Кога со хатишерифите од 1830 и 1833 година Србија официјално станала вазална држава на Османлиското царство, сите давачки кои дотогаш биле плаќани на султанот биле ставени во единствен данок од 2.300.000 гроша, но, притоа, Портата направила превид – не го одредила видот на пари во кои Србија ќе го плаќа данокот!

За да ги заштити домашните трговци, а особено себе како најбогат човек во кнежевството, но и за да ја спаси државната каса, кнез Милош воведува двоен курс на пресметковната парична единица грош, односно донесува одлука порезот да се прима во европски пари, а доколку тоа не е можно, да се примаат и османлиски пари, но со курс „два турска гроша за еден порески грош“.

ВЕЛЕС

Еден леб – два гроша!

За разлика од српските, бугарските трговци, во еден период, паралелно со турскиот грош, користеле и разни други егзотични монети, како туниски, ирански или индиски пари, кои веќе не се користеле ниту во земјите во кои биле исковани. Сепак најмногу се користела руската сребрена рубља. Се разбира, голем број македонски трговци во целиот тој паричен хаос на Балканот се снаоѓале на најразлични начини, при што поголемите „компании“ формирале свои претставништва низ кои се одвивал целокупниот „бизнис“ од Македонија кон соседните земји, и обратно.

Бизнисот на Робеви, на пример, се одвивал преку претставништвата во Белград, Лајпциг, Трст, Сараево, Цариград, но и преку клоновите во Банат, Босна и Албанија. Главниот бизнис бил трговија со кожи и кожни изработки, ткаенини, зрнести култури и друго, со пазарите во Будимпешта, Берлин, Хамбург, Манчестар, Лондон, Марсеј, Лион, Софија и многу други градови.

Фирмата работела со огромен успех а профитот бил најголем во времето кога работеле и „бизнисмените“ од Башино Село, но својот врв го достигнала во 70-те години на 19 век. Во тој период Робеви се акционери во многу европски банки. Сепак, да се вратиме на грошот, и на негова вредност во 19 век, а притоа да се обидеме да направиме некаква споредба со капиталот на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко, макар и преку податоци што се однесуваат за поголем период, односно за неколку децении пред и по нивниот „ортаклк“.

Во нашите стари ракописни книги, вредноста на грошот секогаш се споредува со неговата моментална куповна моќ, а многу ретко со некоја друга валута. Записите оставени на маргините на некои евангелија и стари ракописни книги, на пример, сведочат дека Ѓурчин Кокале, на пример, во 1838 година купил пет книги од манастирот „Лисокој“ за седум гроша, или 12 минеи за 81 грош. Според записи од 1741, 1747, но и од 1875 и 1879, вредноста на грошот може да се види преку споредбата со она што можело да се купи или плати со одредена сума. Во еден од записите стои дека „пченицата помина килото дванаесет гроша, а ржта помина килото осум гроша“, или во истиот запис „кутија сребрена чини сто и дваесет гроша“. Во 1741 година „едно јагне за три гроша, ока сол за пет гроша“, додека од запис шест години подоцна може да се види дека некој јеромонах купил четири книги за пет гроша.

Во 1875 година „сламата грош за ока се продава, и ја нема, а говедата и конето и овците манастирски умреха оти нема слама“. Значи, вредноста на грошот зависи од моменталната понуда на стока на пазарот. Во запис од 1818 година некој монах запишал дека „едно јагне се продаде за пет гроша“, а во евангелие од 1879 година е запишано дека „тогаш беше евтина овцата, сосе јагне се даваше за 120 гроша, само јагне 60 гроша, маслото 20, сиренето 10 гроша, пресното 6 гроша, урдата 5 гроша, месото јагнешко до 8 гроша, јарешко 5 гроша“. Значи, грошот за само шеесетина години станал послаб за речиси петнаесет пати! Според бугарски извори, пак, во 1880 година, плата на судија во Бугарија била околу 1.500 гроша, а еден квалитетен леб од прва категорија во истото тоа време се продавал за два гроша. Значи, ако во

1814 година нашите трговци од Башино Село едно јагне продавале за пет гроша, а сега едно јагне чини околу 50 евра, тогаш по некоја наша слободна проценка само оној капитал од 5000 гроша што како „броена пара“ ги вложил Хаџи Тасе денес би вределе околу 50.000 евра!? Се разбира, вкупниот капитал бил значително поголем, зашто во документот стои дека десет до дваесет илајди гроша ќе се „вртат“ со месечна камата од 50 пари на сто гроша. Само тој „банкарски капитал“ е околу 200.000 евра, што за тоа време за трговци од Башино Село сепак е мошне голем капитал.

Што се случило со фирмата не се знае, како што не се знае и дали била продолжен „ортаклакот“, дали некој ја наследил „компанијата“ и дали денес има потомци на Хаџи Тасе и Мано Хаџи Петко во Башино Село?

Што е грошот?  

Според проф. д-р Лилјана Макаријевска од Институтот на македонски јазик, грошот всушност е сребрена веницијанска монета којашто била воведена во времето на дуждот Андреја Контарини во средината на 14-от век. Со својата стабилна тежнина од 2,178 грама и непроменлива чистота на сребро од 98,5 проценти, грошот станал доминантно платежно средство во трговијата низ Медитеранот. Сепак, кај нас, терминот грош најчесто се идентификува со платежното средство на Отоманската империја, монета од 40 пари со која се водела речиси целокупната платежна активност во империјата.

Автор на текстот е Блаже Миневски

Македонски романсиер и драматург