„Под потполна одговорност тврдам дека во изминатите 15 дена немав никаков контакт со моите родители“ – во телефонски разговор за ,,Фокус” информира наставничката – дефектолог од Неготино, чии родители од Кавадарци се позитивни на корона вирусот.

Веста дека докторка од Кавадарци и нејзиниот сопруг вработен во ЈП Македонски шуми се позитивни на вирусот одекна во Тиквешијата. Сопружниците сега се сместени на Инфективната клиника во Скопје, а она што дополнително го вознемири регионот е дека нивната ќерка е вработена во основно училиште во Неготино како наставник – дефектолог.

Голем број на граѓани, посебно родители чии деца посетуваа настава во училиштето, реагираа во текот на вчерашниот ден и бараа дополнителни информации за случајот. Со цел да ја информира јавноста, наставничката во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува дека немала никаков контакт со родителите периодов, и како тие ги превзеле сите потребни и препорачани мерки.

-Татко ми прв го доби вирусот. Тој работи во Скопје и не патувал надвор од земјава, па поради тоа сме уверени дека од таму го добил. Веднаш штом ги пројави првите симптоми, како покачена температура пред два –три дена, тој беше изолиран дома. Од страна на моите родители беа превземени сите мерки според протоколот, се јавија во центрите за јавно здравје и бараа да му се направи тест. Но, бидејќи тамошната проценка била дека не е во групите со највисок ризик, поради тоа што не патувал надвор од земјава, целата процедура се одолговлече. Токму поради тоа, тестот беше направен од страна на приватната клиника ,,Жан Митрев” – информира наставничката, чиј идентитет е познат на редакцијата на ,,Фокус”, а која замоли да остане анонимна.

Додава дека со семејството минува низ лош период и замоли за разбирање од јавноста. Тврди дека нејзините родители се одговорни и никогаш свесно не би го загрозиле јавното здравје. На прашањето кога последен пат нејзината мајка била на работа во ЈЗУ Кавадарци, не даде одговор и ни посочи да го бараме од надлежната институција.

Телефонски го контактиравме и директорот на ЈЗУ Кавадарци, Др. Диме Коцев. Тој кратко ни кажа дека не може да дава изјави и покрај тоа што се работи за случај од јавен интерес.

-Имаме состанок моментално, нормално е дека сите сме загрижени поради ситуацијата. Побарајте информации од Центарот за јавно здравје, во тек е состанок, јас не можам ништо повеќе да ви кажам – ни порача.

На прашањето кога последен пат докторката била на работа и дали имала контакти со многу пациенти, одби да одговори.

Од Центарот за јавно здравје Велес, телефонски не информираа дека за повеќе детали можеме да ја контактираме Др. Билјана Трајкова која е епидемиолог, но таа до објавувањето на текстот не одговори на телефонските повици.

-Јас не сум болна, родителите на учениците да бидат спокојни. Моите родители бараа да се направи тест за корона вирус поради тоа што е време на пандемија, а не бидејќи патувале надвор од земјава. Ја замолувам јавноста во овие чувствителни моменти да се воздржи од обвинувања, бидејќи никому не му е лесно – порача наставничката.