Управниот одбор на АД „Пошта на Северна Македонија” ја избра Халкбанк на нејзините шалтери да врши платен промет на местото на Еуростандард банка со која договорот прекина на 12 август годинава поради стечај. Управниот одбор на АД Пошта на С. Македонија по добивањето на согласност од Надзорниот одбор и предлага на Владата во својство на Собрание на Друштвото да даде согласност за склучување на договор за соработка помеѓу АД „Пошта на С. Македонија и Халкбанк АД Скопје”, информираат од државната Пошта. Изборот е извршен меѓу понуди од осум банки по повеќе од два месеца од нивното добивање. Според информациите од Пошта, Управниот одбор ја прифатил конечната понуда за соработка со Халкбанк АД Скопје како најповолна, согласно усвоените критериуми за евалуација на понудата. Но, по зеленото светло од Владата како мнозински акционер на Пошта, на обновување на платниот промет на поштенските шалтери ќе се чека уште два месеца, колку што се потребни до технички прием на Пошта, односно имплементација на постојниот систем, кој и досега беше во употреба.