Мобилните камери се веќе ставени во функција во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини, како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а до крајот на овој месец ќе започне употребата и во Велес, Битола, Штип и во Струмица.

Вкупно 593 камери за снимање добија единиците за безбедност на сообраќајот и Одделот за гранични работи како донација од Соединетите Американски Држави во рамки на проектот „Мобилен систем за снимање со камери“.

– Имам можност да ве информирам за заокружувањето на проектот „Мобилен систем за снимање со камери“ поставени на полициските службеници што вршат контрола и регулирање на сообраќајот, што претставува уште една важна и вредна донација од милион и 61.000 американски долари, проект на ИЦИТАП програмата на Одделот за правда  на Владата на нашите  пријатели Соединетите Американски Држави,  наменета за  Единиците за сообраќај и Одделот за гранични работи – рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во кругот на Мобилната единица за Безбедност на патниот сообраќај во Петровец, каде присуствуваше со Ерик Мејер, вршител на работите во Амбасадата на САД.

Спасовски образложи дека примената на овој систем започнала во 2016 година во Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата во Петровец, каде првично биле набавени 17 камери од страна на ИЦИТАП по што продолжиле во континуитет со опремување на единиците за сообраќај во останатите СВР ширум земјава.

Мејер потенцираше дека мобилните камери претставуваат еден од најзначајните новитети во полициската работа во последниот век и успешното користење на мобилните камери бара искрена посветеност од сите чинители.

– Ставањето во употреба на мобилните камери имаше позитивен ефект на односот меѓу сообраќајната полиција и граѓаните кои беа запирани за сообраќајни прекршоци. Бројот на поднесени жалби против полициски службеници беше значително намален и спроведената електронска анкета од 2021 година покажа повисоко ниво на сатисфакција и кај двете страни и кај полициските службеници и кај граѓаните. Оваа година, преку ИЦИТАП ја проширивме нашата поддршка за Секторите за внатрешни работи во Тетово, Охрид, Куманово, Скопје, Велес, Битола, Штип и Струмица, како и за Одделот за гранични работи и миграции со донирање на 593 камери. Впрочем, мобилните камери се веќе ставени во функција тука во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид, на пет гранични премини, како и во Мобилната единица за компензаторски мерки, а до крајот на овој месец ќе започне употребата и во Велес, Битола, Штип и во Струмица – рече Мејер.