На почетокот на пандемијата во 2020 година, Шпанија покрај Италија беше една од најпогодените земји во светот, а во последните месец и половина Делта сојот на Ковид-19 зема се поголем замав, посебно во Барселона и Каталонија. Поради пандемијата Шпанија сите ресурси ги насочи кон пронаоѓање на решенија против вирусот Sars-CoV-2. На неколку решенија поврзани со евентуални лекови против опасните вируси работи и велешкиот научник и доктор по хемија и биохемија Тони Тодоровски (40), кој е водач на тим од истражувачи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ (Barcelona Biomedical Research Park), кој е дел од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Барселона.

Тони Тодоровски е роден во Велес, а високо образование завршил на Природно-математичкиот факултет во Скопје, отсек хемија. Љубовта кон науката се родила благодарение на неговиот професор и ментор Методија Најдовски од Институтот по хемија, каде што почнал постдипломски студии. Се отворила можност да замине на мастер-студии на факултетот во Лајпциг. По завршувањето на овие студии Тодоровски со помош на стипендијата од ДAАД (German Academic echange office) продолжил на докторски студии на истиот универзитет. По завршувањето на докторатот ја прифатил понудата за истражување на ИРБ Институтот во Барселона, во кој работи шест години. Од 2019 година работи во одделот за експериментални и здравствени науки на Институтот ПРББ.

Тони Тодоровски за ММС објасни зошто Шпанија, поточно Каталонија и Барселона каде што работи и живее со своето семејсто, се повторно на удар од Делта сојот и што го прави толку специфичен за да ја напаѓа младата популација помеѓу 19 и 40 години.

– Во моментов се регистрираат најголемите дневни бројки на новозаразени од почетокот на пандемијата па наваму во Барселона и Каталонија. Моментално Каталонија е главното жариште на овој петти бран на вирусот. Делта сојот зема голем замав и главно на удар е младата популација помеѓу 19 и 40 години (се уште невакцинирана е оваа старосна група оти во Шпанија вакцинацијата е според старосни групи) како и сите останати невакцинирани. Болниците повторно се полнат со претходно наведените пациенти, а во последната недела се забележува и пораст на пациентите во интензивна нега (засега главно со постари лица над 50-60 години кои не можеле/или не сакале да се вакцинираат). Се очекува во наредните недели да се знае повеќе дали младите хоспитализирани лица ќе успеаат да одолеат да не завршат на интензивна нега – објаснува научникот Тодоровски.

целата сторија на mms.com