Двата постоечки оператори поради условите предизвикани, се за одложување на постапката на доделување радиофреквенции за 5G за следната година, додека ЕОЛО смета дека таа треба да се спроведе во најскоро време.

Ова го соопшти Агенцијата за електронски комуникации во став по анализа на забелешките и коментарите што беа доставени до неа во тек на јавната расправа што ја организираше ова регулаторно тело во врска со планираното доделување одобренија за 5G.

Пристигнатите коментари од компаниите: Intracom Telecom, НЕОТЕЛ, Македонски Телеком, А1 Македонија и EOLO S.p.A. се достапни на веб-страницата на АЕК заедно со одговорите и ставот на регулаторното тело.

АЕК во документот најавува дека постапката за доделување одобренија за 5G технологијата ќе почне до крајот на годинава и ќе биде преку аукција, при што ќе се понудат поединечни одобренија за сите опсези.

Тоа, појаснува, од причина што операторите се заинтересирани за различни опсези, односно ниту еден оператор не е заинтересиран за сите опсези.

-Постапката за доделување одобренија ќе започне до крајот на 2020 година. Двата постоечки оператори, поради условите предизвикани, се за одложување на постапката на доделување за следната година. Меѓутоа, ставот на ЕОЛО како заинтересиран странски инвеститор е постапката да се спроведе во најскоро време.

Во Националниот оперативен бродбенд план (НОБП) е наведено АЕК да распише тендер до крајот на 2020 година.

Со започнување на постапката се зголемува и можноста за зголемување на конкуренцијата и од други заинтересирани страни, а секако и дека трет мрежен оператор е и една од целите на АЕК.