Вклучувањето на политиката во изборот при вработувањето е пракса која долго време е вкоренета во скоро сите локални и државни институции каде што мерило за стручност и квалификација е степенот на политичката активност во партијата, вели Димитар Абрашев, носител на листата за кандидати за советници во Советот на Општина Велес на политичката партија Левица. Таквиот начин на вработување резултира со зголемување на трендот на иселување на младите видно разочарани од дискриминаторниот однос и од нестручноста и неквалитетната услуга која партиските вработени ја нудат на штета на граѓаните. Политичката партија Левица цврсто стои на својот став дека единствен одлучувачки фактор во процесот на вработување треба да биде соодветното образование, стручноста и квалитетот на кандидатот, затоа во својата програма предвидува департизација во општинската администрација и враќање на критериумите на стручност, компетентност и професионални квалификации, вели во изјавата Абрашев.