Во Македонија досега коронавирусот однесе 3.151 живот, или скоро колку што брои жители градот Пехчево. Секој ден бројот на починати од компликации на коронавирусот расте. Но, и по завршување на пандемијата на коронавирусот, лекарите ќе имаат многу работа, затоа што вирусот  ќе предизвика последици по здравјето на луѓето, и кај оние што го прележале, но и кај другите. Последици ќе има по физичкото, но и психичкото здравје на граѓаните. Лекарите велат дека овој негативен тренд веќе се чувствува, и затоа имаат полни ординации со пациенти кои бараат помош. „Сигурно дека луѓето по прележување на ковид ќе имаат последици по здравјето. Настануваат оштетувања на белите дробови, кои не можат да го имаат капацитетот како пред ковидот. Проблеми се јавуваат и кај панкреасот, а можно е да имаат и згрутчување на крвта и намалена циркулација во екстремитетите. Особено здравствени проблеми се јавуваат кај оние  тешки случаи кои биле во болница. Веќе има луѓе кои прележале ковид, одат на рентген, ги снимаат белите дробови и кај нив има фиброза. Дополнително, кај народот ќе се јавуваат и психички проблеми, посебно кај младите кои не можеа да излегуваат по кафулиња, да шетаат за време на карантинот, но за тоа повеќе информации имаат психијатрите и психолозите“, вели Фатмир Асани, претседател на Здружението на матични лекари од Куманово.