Многумина очекуваат дека во поднасловот ќе го прочитаат името на Кочо Анѓушев, еден од најуспешните бизнисмени од Велес. Но овој пат не е така. Станува збор за петмина производители на свинско месо, луѓе посветени на работата и патриоти во вистинска смисла на зборот – затоа што произведуваат храна за нас, креираат работни места за нашите сонародници и го штитат домашниот стандард. Само еден од овие петмина лани преку своите две компании за одгледување свињи остварил приход од 23милиони евра, пишува во анализата на порталот ФАКТОР.

Велешката економија ја храни Македонија, да во значајна мерка. Официјалните податоци покажуваат дека четири од седум најголеми одгледувачи на свињи и производители на свинско месо се од Велес. Овие велешки фирми лани заедно од производство на свињи генерирале приходи од 33 милиони евра и профит поголем од 2,3 милиони евра.

Најголемата домашна компанија за одгледување свињи е велешката фирма Агриа Груп чиј сопственик е Перо Колевски. Ова друштво регистрирано за одгледување свињи лани остварило приход од 16,15 милиони евра што е за 14 отсто повеќе од претходната година. Добивката на друштвото изнесува 816.000 евра и бележи минимален пад од 6 отсто.

И втората по големина фирма на одгледување свињи е сопственост на Перо Колевски. Станува збор за друштвото Овчеполка. Оваа компанија освен по одгледување свињи и позната и по производство на сточна храна и концентрати за прехрана на добиток. Тоа лани од продажба остварило приходи 8,5 милиони евра што е за 8 отсто повеќе од 2019 година. Добивката на друштвото изнесува 647.000 евра и е за 25 отсто пониска од претходно.

Семејната фирма на Дарко и Ненад Стојанови е велешкиот одгледувач на свињи УНИ-АГРО. Ова друштво лани остварило приходи во износ од 7,2 милиони евра и тие пораснале за 11 отсто во споредба со претходната година. Добивката на друштвото е 1,9 милиони евра и ова ја прави најгофитабилна компанија во таа стопанска гранка и покрај тоа што добивката е за 24 отсто пониска од 2019 година.

Уште една велешка фирма се занимава со одгледување свињи иако е значајно помала од претходните три компании. Станува збор за Сирмес-ТД семејна компанија на Трајче и Димче Чукниеви. Тоа друштво лани направило приход од еден милион евра што е на исто ниво како и во претходната година. Добивката лани изнесува 17.000 евра и е за 88 отсто пониска од претходната година.

извор: фактор.мк