Телото ни дава многу информации, вклучително и што се случува во него, a не може да се види со око. Затоа од големо значење е да се обрне внимание на симптомите за да можеме да му помогнеме и да ги вратиме хранливите материи што ни се потребни за да се чувствуваме добро.

Слаби крвни садови, грчеви во нозете, првут и испукана коса се само некои од индикаторите дека на нашето тело му недостасуваат витамини и минерали.

Витамин Ц
Доколку на нозете или на некој друг дел од телото ви се појават модринки, а не сте се повредиле, можно е на вашето тело да му недостасува витамин Ц.

Овој витамин помага во создавањето на колаген, што е клучно за формирање на крвните садови. Честите модринки може да укажуваат на ослабени капилари. Покрај тоа, стресот и пушењето го намалуваат нивото на витамин Ц во организмот, па затоа е важно да се внесе во доволни количини.

Витамин Б12
Кога на телото му недостасува витамин Б12, тоа најчесто се манифестира преку пукнатини на страната на усните. Во тој случај, најдобро е да внесете повеќе живина, црвено месо и јајца во вашата исхрана.

Доколку сте вегетаријанец, тоа ќе биде малку поголем проблем, но може да биде корисно да се консумира млеко од растително потекло, како што се бадем, ориз, соја или кокос, но и житарки.

Масни киселини
Ако забележите дека кожата ви е сува и ви се создава првут на главата, ова може да се случи кога не внесувате доволно здрави масни киселини во вашето тело.

Есенцијалните масни киселини, како омега-3, се лубрикант за нашето тело. Без нив, телото едноставно се „суши“.

Јадете риба најмалку двапати неделно за да обезбедете доволно омега-3. Алфа-линоленската киселина исто така е од големо значење. Можете да ги најдете во оревите и семето од лен.

Бакар
Ако вашата коса изгледа невообичаено сива во последно време, проверете дали имате доволно бакар во вашето тело.

Бакарот произведува меланин, кој ѝ дава боја на косата. Доколку вашата коса стане премногу сива или тоа се случува изненадувачки рано да речеме во вашите 20-ти, најдобро е да проверите дали имате доволно бакар во крвта.

Цинк и витамин А
Ако кожата на рацете не ви е мазна и имате мали црвеникави испакнатини кои не чешаат, можно е да имате дефицит на цинк и витамин А. Станува збор за кератоза пиларис која влијае на внатрешната страна на рацете.

Цинкот најмногу се наоѓа во месото од живина, хумусот и семките од тиква. Дињата, меѓу другото, содржи два моќни антиоксиданти, тоа се витамин А и витамин Ц. Овие витамини се одговорни за создавање колаген, кој го обновува оштетеното ткиво, го забавува процесот на стареење на кожата и ѝ дава прекрасен, свеж изглед.

Витамин Д
Доколку чувствувате постојан замор и покрај доволната количина на сон, тоа може да биде знак дека нивото на витамин Д во вашиот организам е хронично ниско.

Доколку сакате да обезбедите доволна количина на овој витамин, посегнете по млечни производи, како што се млеко и јогурт или млеко од неживотинско потекло, како што се бадемово и соино млеко.

Магнезиум или калциум
Магнезиумот и калциумот играат важна улога за мускулите во нашето тело. Нерамнотежата на калциум, магнезиум и калиум играат голема улога во појавата или отсуството на грчеви.

Секој од овие електролити помага во одржување на рамнотежата на течностите во крвта и мускулите. Одличен извор на магнезиум се семките од тиква, бананите и авокадото.

Доволно калциум има во млечните производи, сувите смокви, а го има и во ќељ и сојата.