Крешник Бектеши, министерот за економија, денеска ги демантираше гласините во јавноста дека Нова Година ќе може да се прославува во казината и обложувалниците, кои можат да работат 24 часа, додека кафулињата, рестораните и гостилниците од 18 декември до 20 јануари ќе мора да затвораат во 18.00 часот.

Министерот појасни дека иако казината и кладилниците не се ограничени со работното време, тие нема да можат да служат пијалоци и храна по 18.00 часот. Новинарското прашање до Бектеши следуваше откако голем број на револтирани граѓани реагираа на социјалните мрежи за нефер однос и третман.

„Не го знам бројот на казината, обложувалниците и автомат-клубовите кои даваат и угостителски услуги, но правилото важи секаде каде што се служи храна и пијалоци и таму треба да се почитуваат мерките“, рече тој.