Во услови на светска пандемија, кога насекаде постојат забрани за движење на луѓе, забрани за групни и масовни собирања, велосипедистите се група на граѓани кои и во вонфредни услови промовираат здрав начин на живеење кои им пркосат на пандемијата.

Интервју со Зоран Јаневски, Претседател на здружението на граѓани, љубители на
планинскиот велосипедизам ВЕЛЕС БАЈКИНГ. Здружението постои од 2014 година, и од тогаш наваму во Велес и пошироко во цела Македонија се вистински промотори на велосипедизмот како здрав начин на живеење, за поголема употреба на велозипедот како основна алатка  за превоз , со што директно ќе се влијае на намалувањето на загадувањето на Планетата Земја.

Велес365: Г-не Јаневски, како велосипедистите се справуваат со пандемијата КОВИД-19?

Зоран Јаневски: Во услови кога најголемиот дел на граѓаните на Велес и пошироко во цела Македонија се приморани да седат дома и своите активности да ги сведат на минимум, здравстените работници ги препознаваат позитивните дејствија на користење  на велосипедот. Основното правило за заштита на овој вирус е држење на минимално растојани помеѓу луѓето, намалена директна комуникација и забрана за движење на места каде има поголема група на луѓе. Сите овие работи се прескокнуваат кога возите велосипед, и напротив покрај тоа што велосипедистот се заштитува самиот себе, ги намалува ризиците за пренесување на вирусот, и  ајважно од се патува до својата дестинација ( работа, пазар, банка) без да го оптоварува сообраќајот, допринесува за намалување на бучавата во урбаната средина, и најважно од се не ја загадува околината во која живее. Сакам да потенцирам дека оваа пандемија е временска, таа ке ја достигне својата
кулминација и со тек на време ќе ја снема, но имаме глобален проблем со
загадувањето на Планетата Земја, вклучително и загадувањето во нашето
опкружување, се поголемиот број на природни и вештачки депонии, вештачки планини од пластични материјали, жалната слика на реките кои се тотално загадени е нашиот најголем проблем. Опкружени сме на сите страни со нечистотија, со несовесно силување на природните убавини на Македонија и со тоа свесно или несвесно го уништуваме нашиот живот. Сметам дека овој наш проблем е далеку поореален и поопасен отколу моменталната пандемија.

Велес365: Имате ли конкретни предлози за употреба на велосипедот во време на КОВИД-19?

Зоран Јаневски: Неодамна поголем број на групи, здруженија и индивидуални велосипедисти потпишаа иницијатива и дадоа конкретни предлози за користење на велосипедот како превозно средство во урбаните средини во услови на оваа светска пандемија. На заедничка иницијатива на велосипедска група од Скопје #НаТочак (неформално здружение за урбан велосипедизам) и Здружение на граѓани Одржливи  ницијативи, како и со поддршка од 40 формални и неформални организации, беше испратено отворено писмо со наслов “Простор анти корона“ до надлежните институции и медиумите. Ова отворено писмо беше поддржано и потпишано од нашето здружение како единстевно велосипедско здружение на територија на Општина Велес, а беше и проследено и до Општина Велес, до институциите кои управуваат во услови на вонредна состојба – Кризниот Штаб на Општина Велес. Од таму имаме позитивни сигнали, и со огллед што оваа иницијатива е позитивно оценета, очекуваме позитивни чекори за измена на сообраќајниот режим на возење, односно ослободување на поголем простор за велосипедистите.

Велес365: Сметате дека со воспоставување на голем број на велосипедски патеки во Велес ќе се решат проблемите на велосипедистите во градот?

Зоран Јаневски: Тука е едно од основните противречности по мое мислење. Иако во голема мерка сум за воспоставување на повеќе велосипедски патеки во Велес, на зголемување на бројот на велосипедски паркинзи (кои за жал скоро и ги нема во Велес) дури и за воспоставување на велосипедски станици, велосипедска такси служба и курирски служби на две тркала. Меѓутоа, мора на реалноста да и се погледне во очи. До сега ретко кој го поставил прашањето: „Колку граѓани на Велес го употребуваат велосипедот како основно средство за одење на работа, за одење во маркет, за одење на пазар? Колку граѓани на Велес барем еднаш дневно користат велосипед? За жал, институционално никој до сега не се заинтересирал за овој проблем, ниту пак развил некое стратешко прашање. Ние како здружение имаме некои скромни испитувања и по наши проценки состојбата е повеке од катастрофална! Само 0,5-0,8 граѓани на Велес редовно упоребуваат велосипед како превозно средство. Тука не ги броиме рекреативните велосипедисти кои по работното време или за време на викенди користат велосипед чисто како рекреација (иако на наше задоволство овој број се зголемува.
Сега се поставува прашањето: Дали е фер за 200-250 граѓани кои возат велосипед да им се овозможи поголем простор за нивните велосипеди, а во исто време 80% од
граѓаните да немаат каде да ги паркираат своите автомобили? Да, ние сме за рапидно зголемување на бројот на велосипеди во однос на бројот на автомобили, но тоа мора да се прави многу внимателно и безболно, најпрво да се обезбедат услови за остранување на автомобилите од центарот на градот. Нашиот став како здружение е на овој проблем да се пристапи од многу подруг агол, да се започне со решавање на овој проблем преку промоција на велосипедозмот, субвенционирање при купување на велосипеди, поддршка на било какви велосипедски настани, изучување на велосипедизмот како посебен дел во физичкото образование , рапидно зголемување на велосипедските активности надвор од наставата и мнгу други активности кои ќе доведат до зголемен број на корисници на велосипед, на критична маса од 8-10% од население на Велес кои го користат велосипедот. Така, потребата од воспоставување на велосипедски патеки ќе биде нужна и дури тогаш ќе имаме јасна слика за Вело-град. Знам дека многумина не се служуваат со идејата за Велес како вело-град поради лошата географска положба, стрмните ридови и малите улички во поголемиот дел на градот, но од некаде мора да се почне нели? Ако за почеток, велосипедот не можете да го користите за 100% од градот, можете за 50%-70%…

Велес365:Каде е Општина Велес во оваа приказна?

Зоран Јаневски: Општина Велес во минатата година изработи стратегија „План за Урбана Мобилност“ во кој значајна улога игра Велосипедот и неговата употреба од страна на граѓаните на Велес. Се надеваме на успешна институционална реализација, проблемот на Велес со сообраќајот не е можно да се реши за неколку недели, тој треба да се гледа долгорочно и искрено се надевам дека за неколку години ќе имаме убава слика во Велес каде голем број на велосипедисти ги преплават улиците на Велес, а од друга страна автомобилите ќе имаат маргинална улога. Се надевам дека Градските власти ке ги реализираат ветувањата кои им ги даваат на граѓание во текот на нивните политички кампањи. Секако, оваа желба може да биде реалност само доколку граѓаните имаат висока еколошка совест и знаат дека чиста природна средина значи и подобар живот на нашите поколенија.

Велес365: Дали масовното користење на велосипеди во некои европски земји може да се примени во Велес?

Зоран Јаневски: Велес е стар, Турски град кој многу малку е изменет од неговото постоење па до сега. Велес е еден од градовите кој нема своја автентична чаршија, нема шеталиште за граѓаните, нема класичен кеј иако ја има реката Вардар како можност за нејзино позитивно искористување, Велес е град на неколку ридови и сите овие околности даваат првобитна слика каде најголемиот број на граѓани се скептични во врска со употребата на велосипедот. Но, ако сакаме да да земаме позитивни примери од Градови во Европа каде најголемиот број на граѓани го користат велосипедот во секојдневниот дел од животот, тогаш треба најпрво да ги смениме сопствените негативни ставови за неможноста да користиме велосипед во Велес. Да го земеме само примерот на Утрехт, град во Холандија кој во доцните 70-ти и 80-ти години бил тотално загаден од гасови од автомобили, за да во денешно време во ¾ од градскиот простор се користи исклучиво велосипед. Денес Холандија има повеќе велосипеди од жители, такви примери ги има многу во модерна Европа.

Велес365: Кои се вашите досегашни активности и кои се вашите идни планови?

Зоран Јаневски: Од самиот почеток па до сега ВЕЛЕС БАЈКИНГ како  елосипедско здружение кое промовира велосипедски активности во природа, на планина, но и во урбани средини, со своите активности е препознатлив „Бренд“ во Македонија и надворо на нашите граници. Во нашето CV се впишани голем број на велосипедски организирани настани кои имале високи позитивни реакции кај најголемиот дел од велосипедската популација. На територија на град Велес веќе 6 години организираме рекреативна велосипедска тура која беше тесно поврзана со Големиот фестивал на Пита и вино „Питијада“ па оттаму беше и името на велосипедската тура. Со оглед на тоа што минатата година овој фестивал не беше одржан, можеби и оваа година нема да се одржи, сме во некои друго идејно решение за овој настан. Во изминативе години на овој наш настан присуствувале преку 2.000 велосипедисти од буквално сите поголеми места во Македонија, а сме имале гости и пријателли од Србија, Грција, Бугарија, Хрватска,Израел, а минатата година имавме и велосипедист од Шпанија кој моментално е со престој во Прилеп. Велес како град има што да понуди како туристички објекти кои ќе бидат  привлечни за сите потенцијални домашни и странски туристи. Надвор од Велес, нашето здружение многу активно дејствува на регионот на Азот, а нашата гордост е организацијата на outdoor festival-от АЗОТ мтб Предизвик кој кон крајот на мај требаше да го има своето 6-то издание. Поради светската пандемија КОВИД-19 бевме приморани овој голем фестивал на отворено да го преместиме временски и така, го презакажавме за 08-09 август. Со завршувањето на кризата со корона вирусот, се надеваме на повторно успешна организација и очекуваме како и во
минатите години голем број на домашни и странски посетители. Како и во Велес и во Богомила за времетраењето на фестивалот селото е полно со локални мештани кои доаѓаат од големите градови, ни доаѓаат велосипедисти, планинари, алпинисти , гости кои едноставно сакаат да бидат присутни тие неколку дена и можеме да кажеме дека Богомила и околината живее во тој период. Присутни се голем број домашни и странски велосипедисти од повеќе држави, пред неколку години имавме гости од Словачка, станува збор за професионални планински велосипедисти кои дадоа високи отцени за потенцијалите кои ги имаме за брз развој на овој се повеќе масовен спорт. Тука мораме да го споменеме г-н Хенрик Маркуш, амбасадор на Словачка во Македонија кој е наш почесен член, постојан учесник на нашите велосипедски тури и е голем пријател на Велес Бајкинг.
Од останатите наши активносто треба да ја споменеме и организацијата на
велосипедкста тура „Со Велосипед низ Македонските Степи“ која за жал, оваа година моравме да ја одложиме поради актуелната ситуација. Интересот за оваа тура е огромен, во текот на пријавувањето имавме преку 300 пријавени велосипедисти. Турата сама по себе е привлечна поради тоа што покрај велосипедската вело- прошетка по Македонските Степи, за кратко престојуваме и во с.Бекирлија и сме гости на нашата Оскаровка Атиџе, која сеуште живее во нејзината куќа, и го произведува нејзиниот висококвалитетен мед. Неодмана при редовна контрола на патеката имавме можност да бидеме гости на Атиџе, да поразговараме за нејзиниот поглед за нејзината улога во филмот, за Холивуд за сите нејзини средби со познатите личности, но и да пробаме од нејзниот прекрасен мед. Се надеваме доколку дозволат временските прилике некаде крајот на септември да ја одржиме и таа тура. Активностите на Велес Бајкинг не застануваат само на овие активности. Согласно нашите правила во здружението, согласно нашиот Годишен план, организираме голем број на локални тури, каде ги презентираме убавините на нашите рурални места, со можност тие да се развијат во потенцијални туристички центри. Нашите членови можат да се пофалат со обележување и маркација на неколку велосипедски патеки во регионот на АЗОТ, во околината на Велес, Обележување и маркација на велосипедска патека во Брајчино, Општина Ресен, како и маркација на две Вело Вински патеки, кои ги поврзуваат најголемите винарии во Велешкиот и Тиквешкиот регион, со што им овозможуваме на потенцијалните туристи да ги поврзат овие две туристички гранки и да привлечеме што поголем број на туристи.
Од останатите активности сакам да споменам неколку спроведени проекти како што е „ Кампања за создавање на позитивни животни практики,здрави навики и вредности!“ каде децата се образуваа за правилен спортски развој преку стари традиционални детски игри, потоа со години наназад сме учесници во Презентација на велосипедизмот во детските Градинки, на покана на Проектот „ Да го запознаемеспортот“, а веројатно сме и единственото велосипедско здружение кои има своја развојна петтогодишна стратегија, со јасна визија за идните наши активности.

Велес365: Дали имате соработка со други здруженија во Македонија
и надвор од неа?

Зоран Јаневски: Во последниве неколку години бројот на организирани велосипедски настани  рапидно се зголеми. Започнувајќи од мај па се до крајот на ноември скоро секој викенд има организирано велосипедски настан или фестивал на отворено кој ги промовира природните убавини на регионот каде се организира, туристичките потенцијали и општо, убавините кои Македонија ги поседува. Во овој момент некаде 13-15 велосипедски здруженија сејауваат како организаторина велосиедски настани и нормална е соработката меѓу сите нас. Ние меѓусебно си разменуваме искуства, проблеми, помагаме таму каде што можеме, бараме поддршка таму каде што сметаме дека може да ја имаме. Едноставно кажано, сите се сметаме како браќа по велосипед и во таа велосипедска заедница многу нормално е секој на секого да му помогне во било кој поглед. Како велосипедско здружение сме редовни учесници на сите настани во Македонија, неодамна имавме обид за заеднички проект со велосипедски здруженија од БиХ и Србија, тој проект за жал не успеа, но сеуште ги одржуваме нашите контакти и се надеваме во блиска иднина и ќе ги реализираме нашите заеднички идеи.
Заеднички имаме направено и Календар на велосипедски настани кој редоследно ги
прикажува настаните месец по месец. Моменталната состојба со КОВИД-19 пандемијата е таква што поголемиот дел од организираните настани во месец мај се
одложени, но сите ние и понатаму сме на линија на меѓусебна помош и поддршка на било кој начин.

Велес365: За крај, кои се вашите планови и препораки?

Зоран Јаневски: Планови секако дека има, но тие зависат во голема мерка од состојбите од пандемијата. Ние и понатаму ќе се дружиме преку велосипедот, ќе ја истражуваме Македонија затоа што има толку многу да се истражува, има толку многу убави места да се посетат и да се раскажат на други, да ги поттикнеме и останатите Македонци да ја истражуваат Македонија и да ја сакаат се повеќе и повеќе. Нашите активности во овој момент се врзани со организацијата на АЗОТ мтб Предизвик, на волонтерските активности за времена викендите каде помагаме на лица кои се погодени со КОРОНА вирусот, и секако нашата цел е промоција на велосипедизмот, промоција на велосипедот како основно средство за превоз. Ги покануваме сите оние кои сакат да возат велосипед во природа а не сакаат тоа да го прават сами да ни се придружат, возењето велосипед во природа е нешто кое не смеете да го испуштите.