Во деновиве кои изминаа најчесто во 90% од медиумскиот простор се присутни лекарите, Велес365 разговараше со  Ангел Драскачев медицински техничар кој со вас ќе ја сподели приказната за останатиот медицински персонал покрај лекарите кој исто така има важна улога во овој и секој здравствен предизвик

Велес365: Со какви предизвици се соочувате секојдневно?

Драскачев: Во нашата професија секој ден е предизвик. Немораше да дојде Covid19 за да кажеме дека се соочуваме со предизвици. Во нашите кругови има една изрека: Секогаш треба да го очекуваш најлошото! Додека работев на хируршкото одделение, предизвиците беа најчесто: сообраќајки, тепачки, трауми, несреќни случаи кои доста често завршуваа и со смрт.

Сега кога сум на интерното одделение, имам релативно поширок обем на проблематики со кои секојдневно се соочувам, бидејки сите знаеме дека интерната медицина е столбот на медицината и истата ги опфаќа сите органски системи во чековото тело. Проблематиките се од типот на: инфаркти, едеми, пациенти со карциноми, бубрежни заболувања, токсикози итн.

Велес365: Ниски плати, лоши услови за работа во споредба со европските земји. Што ве држи мотивирани да останете тука ?

Драскачев: Интересно прашање. Многупати сум размислувал да продолжам некаде надвор од Република Македонија. Меѓутоа најлесно е да си заминеш, сега дотолку повеќе полесно од било кога. Времето е такво да сите сме во лов на пари. Факт е дека платите се ниски. Факт е дека условите за работа се лоши. Но она што ме задржува тука е пред се желбата да се избориме за подобро. Доколку си заминеме сите, тогаш што би промениле така и каков пример би оставиле за нашите деца?

Друго нешто што ме задржува тука е и желбата да се успее во сопствената држава. Доста често слушаме дека тука успех нема. Но, јас сеуште верувам дека со напорна работа, труд, посветеност и едукација.

Друго нешто што ме држи мотивиран да останам тука се моите пријатели, но и семејството.

фотографија од работната атмосфера деновиве
фотографија од работната атмосфера деновиве

Велес365: Акцентот е ставен во 90% на лекарите. Која е улогата на останатиот медицински персонал во делот на грижата за пациентите ?

Драскачев: Докторите, медицинските техничари и болничарите се еден ланец. Ако една од  алките во тој ланец попушти, тогаш страда пациентот, а последиците ќе ги сносат сите. Во принцип така е и со целиот здравствен систем. Ќе ја цитирам Атиџе од Медена земја: „Ако еден ги прекрши правилата, страдаат сите“. Во тој ланец сите треба да имаат своја улога. Конкретно улогата на медицинските техничари започнува од базичната нега, па се до правилната апликација на назначената терапија. Сето ова се прави на пациентите да им се овозможи подобар престој во болницата, што би водело до нивно конечно оздравување. Од административна гледна точка, тука спаѓа и водење грижа за целосната медицинска документација на еден пациент од неговиот прием па се до неговиот испис од болница.

Велес365: Освен негата која ја пружате на болните има ли и еден емоционален контакт со пациентите посебно во овие услови сега ?

Драскачев: Нормално. Без разлика за каква дијагноза се работи, дали е тоа Covid19 или можеби инфаркт на миокард, емоцииите кај здравствените работници се исти. Ние можеби делуваме неемоционално поради професионалноста и предизвикот пред се да се остане смирен во секоја ситуација, но некогаш е тешко да се оградите емоционално од случувањата на работното место, па и ние често тие импресии си ги носиме дома со нас. Емпатијата кон пациентите е клучна , затоа што не треба да заборавиме дека пред се сме луѓе, а не роботи.

Велес365: Ангажиран беше во Монтенегро, хотел што беше наменет за изолација на доселеници. Со каков предизвик се соочивте таму?

Драскачев: Прв предизвик беше неинформираноста околу тоа со што ќе се соочиме таму. Низ наши раце, поминаа неколку стотини луѓе. Имаше и позитивни на Covid19. Беше тоа доста тежок период, но како за сите така и за мене. Секојдневно таму се прашувавме дали дали сме соодветно заштитени, дали тие луѓе ни кажуваат реални информации. Бев доста загрижен пред се за семејството. Но на крај следеше она олеснување кога ме информираа дека тестот за Covid19 ми е негативен. Во хотелот Монтенегро бев ангажиран заедно со Др. Ристе Катранџиев, специјалист по интерна медицина и мислам дека бевме на висина на задачата.

Велес365: Што ве радува, а во што ве погодува највеќе во вашата професија?

Драскачев: Ме радува излекуван и задоволен пациент. Ме радуваат пофалбите, но и критиките што ќе ги добијам од пациентите. Пофалбите ме прават горд, а критиките подобар. Она што ме погодува најмногу се оние моменти кога знаеш дека не можеш да помогнеш, но сепак се бориш. Една стара изрека вели дека ѕидовите на болниците, слушнале многу повеќе молитви од ѕидовите на црквите. Ве уверувам дека тоа некогаш е навистина така, секој од нас се нашол на другата страна на параванот и се соочил со ситуација кога тој бил пациент, а неговите колеги се бореле за него. Како медицински работник често пати до сега сум видел одблизу како изгледа смртта и можам да кажам дека секој пат сум сочуствувал како со покојникот, така и со неговата фамилија, невозможно е да не ве погодува тоа воопшто во нашата професија.

Велес365: Што би им порачале на граѓаните на Република Македонија?

Драскачев: Свесни сме дека здравствениот систем имаше многу недоследности, слабости и грешки во одредени сегменти со справувањето со пандемијата. Знаеме дека дел од мерките се можеби закаснети. Свесни сме дека мерките се и доста строги. Во јавноста докторите дебатираат секој со свои ставови, тешко е да се увиди што е реално правилно во ваква ситуација.

Мојата порака како медицински техничар е да не дозволиме да бидете алката што ќе го скине ланецот, затоа што ако тој ланец попушти ќе страдаме сите. Да ги почитуваме мерките. Ако ситуацијата налага граѓаните да седат дома, тогаш навистина седете дома. Ако ситуацијата налага да носите маски, тогаш носете маски. Ако ситуацијата налага да не се групирате, тогаш не се групирајте.

Сите сме заедно во сево ова, да бидеме хумани и да се заштитиме, затоа што болеста не бира дали сте градоначалник, директор, богат, сиромав, муслиман или православен.