Наместо како вообичаено, статистиката на новите случаи позитивни на ковид-19, како и состојбата по градови и смртноста во болничките капацитети да биде објавена во доцните попладневни часови, вчеравечер Министерството за здравство ја објави состојбата пет минути пред полноќ.

Ова се случува за првпат од почетокот на пандемијата, но евидентно е дека како што расте бројката на заразени, така се поместува и времето во кое што се објавуваат податоците.

На почетокот на пандемијата, во март, статистиките беа објавувани до 14 часот, потоа со зголемувањето на интензитетот и растот на бројот на случаите во 18 часот, а последниве два месеци и по 20 часот.

Слободен печат“ од свои доброупатени извори дознава дека екипите на Институтот за јавно здравје вчеравечер работеле до доцна во ноќта затоа што рачно морало да се проверуваат пациентите кои што системот не ги генерирал со едноставно впишување на матичниот број и на името и презимето.

Проблемот беше тоа што системот на ИЈЗ беше премногу оптоварен, затоа што се правеа проверки рачно по матични броеви. Премногу тестови се направени и за дел од нив рачно се проверуваше лицето според податоците, во која лабораторија е направен тестот, еден по еден се бараа луѓето, вели извор на Слободен печат.