Врвот на третиот бран може да го очекуваме за две недели, некаде кон средината на април, предупредува епидемиологот д-р Драган Даниловски. Но, како што рече д-р Даниловски во вестите на Канал 5, тоа не значи крај на нашите маки бидејќи за да стигнеме до пикот имало период на качување и потоа ќе треба да помине уште еден толкав период на симнување, значи уште пет-шест недели.

Смета дека полицискиот час од 22 часот дал резултати, но останува на ставот дека потребно е да се воведува викенд карантин со цел да се намали бројот на заболени на дневно ниво, ама клучно, за да се намали бројот на починати. Според него, медицинскиот персонал е здравствено и емотивно истоштен. Даниловски смета дека нашиот народ живее нездраво и дека токму затоа Ковид-19 зема толку жртви. -Тие се затвораат по кафеани, на домашни седенки, во обложувалници. Не се движат надвор, на свеж воздух. Повеќето се пушачи, нездраво се хранат и тоа се фактори придонесуваат болестите да имаат потешка слика, вели д-р Даниловски.