Иако го очекувавме есенва, четвртиот бран на коронавирусот во Србија практички веќе е почнат, а прашање е само со колкав интензитет ќе биде и колку ќе трае, смета епидемиологот д-р Предраг Кон.

-Јасно може да се види што нè очекува на примерите на Велика Британија и Израел, стапката на репродукција јасно покажува дека бројот на заразени се зголемува од недела во недела, тоа ќе се случи и кај нас, бројот ќе се зголемува во зависност од нашето однесување, рече д-р Кон во гостување на телевизијата Нова С.

Според него силината на бранот ќе зависи од однесувањето на граѓаните.

-Во следните два месеци ќе имаме бран, прашање е само колку нагло ќе биде искачувањето. Меѓутоа јасно е дека го поминавме прагот, треба да се навикнеме на трицифрени бројки, се надевам само дека нема да бидат четирицифрени Колку што се однесуваме поопуштено, брзината на раст ќе биде сè поголема и сè побрза. Значи брзо ќе расте бројот на новозаразени. Во таков случај за шест недели очекувам максимум, а вкупно овој бран би траел и подолго бидејќи треба време за да се спушти кривата, додаде епидемиологот.

Кон смета дека во текот на летото не би требало да има заострување на мерките.