Една британска агенција има ексклузивна понуда за оние со подлабок џеб, а пакетот вклучува и примање вакцина против коронавирус покрај патувањето. Според италијанскиот весник “La Repubblica” , на клиентите им се нуди приватен авион, вакцинирање, три недели во луксузни хотели и вили во Индија, Дубаи или Флорида, проследени со втора доза на вакцина и враќање дома.

Овие супер луксузни и необични туристички аранжмани ги нуди англиската агенција „Најтбриџ“, а цената на понудата е околу 45 илјади евра.

Агенцијата нуди пакет само за своите членови, кои плаќаат годишна членарина од 28 илјади евра, а досега вакциналниот-туризмот е резервиран само за членови над 65 години.

Новинарите од италијанскиот весник ја контактирале агенцијата за да откријат како е можно луѓето да се вакцинираат приватно во земји каде што постојат правила за вакцинација само за нивните граѓани и како е можно приватно да се вакцинираат, додека истовремено земјите не можат да ги добијат.

Сепак, туристичката агенција одбила да одговори на овие прашања.

“La Repubblica” потсетува дека уште во декември минатата година, производителот на вакцини против коронавирус, Фајзер, потврди дека размислува да ја продаде вакцината на приватни лица.