Иако првично планот беше на 1 декември да се олабават рестрикциите во Грција, се чини дека многу поверојатна ќе биде забраната да биде продолжена и по 30 ноември, соопшти министерот за здравство и владиниот портпарол. Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, во интервјуто за грчката телевизија „Мега“, рече дека е неосновано „да говориме за укинување на локдаунот на крајот од месецот“.

И портпаролот на Владата Стелиос Пецас, утрово за ТВ „Антена“ истакна дека не е реална веројатноста да се укине карантинот на 1 декември, бидејќи епидемиолошките податоци и понатаму се високи.

Пецас уште еднаш повтори дека олабавувањето на мерките ќе биде постепено, прво со отворање на училиштата, потоа со продавниците, а на крај угостителските објекти и истакна дека враќањето во нормала ќе биде внимателно, но и дека ќе продолжат да важат одредени ограничувања.

Објасни дека за божиќните празници на крајот од декември, тешко ќе биде да се дозволи патување од периферија во периферија, додека пак правила и ограничувања ќе има во работата на кафулињата и угостителските објекти, без да бидат дозволени забави, а ноќните клубови ќе останат затворени.

Според грчките епидемиолози, продолжувањето може да биде за една или две седмици, додека пак медиумите во Грција објавуваат дека не е исклучена можноста, кон крајот на неделава, премиерот Кирјакос Мицотакис, преку нова телевизиска порака до граѓаните, да соопшти дека ќе биде продолжен карантинот.