Граѓаните се охрабрија, и анонимно телефонски започнаа да ги пријавуваат лихварите. За половина месец откако бројот е во функција, има 37 пријави. Полицијата работи на расветлување на случаите.

„Од воведувањето на телефонскиот број 0800 00 201, вкупно 37 граѓани пријавиле лихва. Министерството за внатрешни работи презема мерки за расчистување на сите пријави од граѓаните“, велат од полицијата.

Министерството за внатрешни работи неодамна почна оперативна акција која има за крајна цел сузбивање на незаконската појава на позајмување на парични средства за несразмерна имотна корист (многу висока камата), позната како лихварство. За ова кривично дело следи парична казна или затвор до три години.  Ги прашавме граѓаните, дали би се осмелиле да пријават лихвари и дали веруваат дека на овој начин ќе се стави крај на оваа појава. Мислењата се различни. Некои би пријавиле, а други велат дека никогаш не би се решиле на таков чекор затоа што се плашат и немаат доверба во институциите.