Во време кога пандемијата е единствениот настан што никој не може да го избегне, во период кога светот полека го брише сеќавањето за убавите идилични времиња и за она што се случуваше во исто време лани, дури и оние најголемите верници во празничната магија не го чувствуваат мирисот на празничните штандови од божикните европски пазари, неповторливото чувство да се испие варено вино во рачно изработени чаши и да се понесе за дома првиот украс што ќе ве потсети на некоја драга личност макар и да не е повеќе дел од вашиот живот. Но како што ни ова невреме нема да трае вечно, така ни можноста да се ужива во празнична магија е нешто во кое, сепак, можете да уживате и да ја доживеете онаму каде што Божиќ се чувствува еднакво неповторливо во текот на целата година.

За да ги поедноставиме нештата од самиот почеток најлесно е да појдеме од фактот дека постојат два типа на луѓе – оние кои се заразуваат од божикната магија и оние кои се трудат или буквално ја преспиваат претпразничната и празничната еуфорија. Оние кои сакаат празнични украси, накитени излози, улици кои во периодот на декември и почетокот од јануари блескаат со најразнобојни светилки, дедомразовци кои шетаат низ плоштадите или трговските центри и нудат ексклузивни празнични фотографии со единствената санка, украсени новогодишни елки кои тукуречи повикуваат да ги прегрнете нивните свечено преоблечени гранки и секако, оние другите кои свесно и намерно ги избегнуваат сите овие нешта, ама не и празнична шолја топло какао со слез, и го менуваат каналот, симболично или реално. А, таму, таму излегуваат слики од места од целиот свет каде што луѓето сакале-нејќеле не можат да избегаат од тоа затоа што таму Божик и празничната магија траат преку целата година.

Ротенбург, Германија: Чудесната земја на украсите

Градот од бајките Ротенбург об де Таубер во Германија е совршено место за славење на Божик во текот на целата година. Иако е домаќин на еден од најпопуларните божикни пазари во Германија во текот на декември, оние што го посетуваат во други периоди од годината сепак еднакво можат да го почувствуваат празничниот дух. Ротенбург е родно место на една од најомилените божикни продавници во Германија, Божикното село Кате Волфахрт, вистинско делче од рајот за љубителите на Божик. Оригиналната продавница е земја на чудата со украси и декорации, новогодишни елки, дедомразовци во сите форми и големини, украсни садови, свеќи и многу повеќе.

Продавницата е толку популарна што има уште две дополнителни продавници на Кети Волфарт во Ротенбург, така што нема оправдување дури и за најпребирливите дека не успеале да најдат совршен сувенир со празнични теми. Покрај главната продавница е сместен Германскиот божиќен музеј, кој ја следи историјата на Божик во Германија преку огромната низа изложени предмети – сложени музички кутии, дрвени оревокршачи и календари за Адвент – се само некои од многуте фасцинантни работи што може да се видат во музејот.

И божикните продавници и Божикниот музеј се отворени преку целата година, правејќи го Ротенбург еден од совршените божикни градови 365 дена. Ротенбург об дер Таубер се наоѓа на германската патека позната како Романтичен пат. Дел е од популарно еднодневно патување од Минхен (2,5 часа) или Франкфурт (2 часа).

Средновековниот град со богата историја е вистинска ризница на средновековни приказни кои навистина го исполнуваат престојот овде, ама, сепак, во периодот пред празниците кога се претвора во зимска бајка, е особено неодолив.

Селото Дедо Мраз, Лапонија, Финска:Семејна фотографија со омилениот дедо

Селото Дедо Мраз се наоѓа во финскиот дел на Лапонија. Можеби е едно од најпознатите „села на Дедо Мраз“ во Скандинавија, исто така затоа што Швеѓаните имале обичај да велат дека Дедо Мраз е од Финска.

Сместено е на самата граница со Арктички круг, а не се случува премногу често да имате можност да пречекорите такви работи. Затоа прескокнете го, поминете низ него што било друго, ако имате желба, сега, официјално сте поблиску до Северниот Пол. Откако ќе поминете низ тоа, можете да се упатите кон домот во кој живее Дедо Мраз.

Персоналот е облечен како џуџиња цела година и ќе ви ги покаже сите делови од домот на Дедо Мраз. После тоа можете да одите и да се сликате со него. Само треба да имате на ум дека има многу луѓе што го прават тоа, што значи дека можеби ќе треба да некое време да застанете во ред за Дедо Мраз. Но, можете да го искористите времето за разгледување – има многу фотографии во домот на Дедо Мраз од многу познати луѓе кои дошле да го посетат од фински метал-бендови до кинескиот претседател.

Откако ќе стигнете до Дедо Мраз, некои од џуџињата ќе се сликаат со вас. За жал, не ви е дозволено да го направите тоа сами. После тоа, можете да ја купите вашата фотографија на излегување. Малку е комерцијално, но не чини повеќе од само 5 евра.

Местото е многу приспособено за деца, па освен во посета на Дедо Мраз, што е главната цел на денот, можете да видите и ирваси и хаски. Впрочем, „Селото на Дедо Мраз“ во Финска е многу авантуристичко место и се исплати да се посети, макар и само еднаш.

Северен Пол, Алјаска:Најголемата статуа на Дедо Мраз во светот

Ако сакате да ја почувствувате празничната радост во кое било време од годината, упатете се на Северниот Пол, Алјаска. Името „Северен Пол“ често се применува на целата област опфатена со неговиот поштенски код 99705. Оваа област се протега помеѓу Форт Вејнрајт и воздухопловната база Еилсон. Северен Пол е оддалечен практично 2.700 километри јужно од географскиот Северен Пол на Земјата, кој се наоѓа на само 20 минути оддалеченост од Фербенкс. Може да се пофали со најголемата статуа на Дедо Мраз во светот, висока 42 метри и тешка 400 килограми.

Возејќи низ градот, духот на Божик се чувствува кога поминувате покрај светлосните столбови насликани како бонбони и налетувате на имиња на улици, како што се Патека на имелата и Патека на шеќерното бастунче – постои ли поголем доказ дека она што се чувствува е духот на Божик.

Патот води кон куќата на Дедо Мраз каде што можете да го сретнете Дедо Мраз и да му го предадете својот список на желби. Просторот од 9.000 квадратни метри исполнет со предмети со празнични теми е создаден за пазарење незаборавни спомени, а можеби уште поголем предизвик може да ви биде запознавањето со ирваси во живо.

Една од најпопуларните работи што ексклузивно се нуди тука е да испратите писмо дома официјално заверено од Северниот Пол. Ова е и местото каде што можете да добиете налепница која вели дека сте официјално на добрата листа на Дедо Мраз!

Има многу настани што се случуваат во Северен Пол, Алјаска, кои ако не се поврзани со Дедо Мраз, во секој случај се инспирирани од зимата и нејзините волшепства. Во долгите летни денови во јули има паради, а кон крајот на ноември ова е зборно место на уметници кои работат со мраз кои доаѓаат да се натпреваруваат на натпревар за најуникатна скулптура на мраз.

Не постои подобра потврда и овековечувањето на престојот во близина на Северниот Пол од фотографија покрај знакот „Добре дојдовте на Северниот Пол“ додека влегувате во градот. Најубав потсетник за вашето добро поминато време во знакот на Божик!

 Селото Дедо Мраз, Њу Хемпшир:Зимска авантура возбудлива и среде лето

Вгнездено во Белите Планини на Њу Хемпшир се наоѓа божикно село кое можете да го посетувате цела година! Селото на Дедо Мраз е семеен забавен парк кој е исто толку забавен преку лето, колку што е во периодот околу Божик. Дури и кога надворешната температура е 34 степени Целзиусови, можете да добиете семејна фотографија со Дедо Мраз кај него дома, да милувате и да нахраните вистински ирваси или да се возите во санката на Дедо Мраз над паркот. Малите деца уживаат во потрагата по сите џуџиња на Дедо Мраз низ паркот. Тука се и сите вообичаени возења што ги очекувате во забавен парк, како рингишпили и водни тобогани.

 Крисмас, Флорида:Го задржува вниманието за цела година

Ова е место каде што е невозможно да не се слави Божик преку целата година. Сместен во близина на Орландо, Флорида, ова е град низ кој луѓето едноставно само поминуваат додека одат на плажа без реално да застанат во него или дури и без да го забележат. Но вистинска штета би било да го одминете ако сте веќе на поминување, независно дали е Божик или не.

Крисмас е познат по својата божикна елка, која свети преку целата година, и по поштата. Луѓето доаѓаат од цела централна Флорида за да ги испратат своите божикни честитки од Крисмас.

Поштата е украсена однадвор со божикни украси и нуди божикни поштенски марки за украсување на поштенските пратки. Оние што сакаат да му испратат писмо на Дедо Мраз можат да го сторат тоа во посебно поштенско сандаче само за писма адресирани до него.

Овде би можел да се посети и Свампи, најголемиот алигатор на Флорида. Всушност, станува збор за влез во Авантури во џунглата, парк со животни во кој може да се видат многу алигатори.

Прошетката со воздушен чамец нуди можност да се погледнат и други животни во нивната природна средина. Ако застанете кај Тврдината Божик, реплика во целосна големина, ќе дознаете за Индијанските војни Семиноле од 1800 години, каде што можат да се видат и обновените историски домови.

Остров Херб, Јужна Кореја:Од се по нешто па и Дедо Мраз

Островот Херб се наоѓа непосредно пред Сеул, главниот град на Кореја, и е популарна дестинација за бањско релаксирање. Тој беше избран за една од најдобрите 25 бањски дестинации на Кореја. Но, островот Почеон Херб е многу повеќе од само велнес дестинација, тој е исто така мал забавен парк со неколку возења, неколку мали музеи, фото зони и мало езерце со гондоли. Тоа е тукуречи еклектично место бидејќи има толку многу различни стилови и теми, но веројатно тоа и му го дава шармот.

Изненадувачки, ова место има и огромно село Дедо Мраз, кое е отворено цела година. Се разбира, најдобро време за посета е за време на божикната сезона, бидејќи се вклучени сите светилки, студено е и музиката ја заокружува целата атмосфера.

Но, ако не можете да чекате до највозбудливиот период од годината, тогаш можете да го посетите селото на Дедо Мраз и во жежок летен ден. Скулптурите се малку стари, но повторно, ова е она што го прави местото толку посебно и чудно.

Пиџн Форџ, Тенеси:Најголемо божикно село на американскиот југ

Пиџн Форџ има по малку од сè, дури и најомилениот празник кој трае во текот на целата година. Овде може да ја најдете една од најдобрите божикни продавници во која се продава сè што е поврзано со божикните празници во текот на целата година – Неверојатно божикно место – што е самопрогласено како најголемото божикно село за пазарење на југот. Секако, овде може да се задоволат сите божикни потреби – од венци, светилки, украси и што било друго што можеби ќе ви прирасне за срце дури и да не ви е потребно.

За оние што ќе сфатат дека не е доволен само еден ден божикен шопинг или само сакаат повеќе божикно расположение, тука е гостилницата во Божик место, каде што се нуди и посета на Дедо Мраз, работилници за новогодишно завиткување подароци и многу божикни активности.

 Кливленд, Охајо:Каде што оживуваат сцени од филмскиот класик „Божикна приказна“

Божик е цела година во населбата Тремонт во Кливленд, дом на куќата за филмскиот американски класик „Божикна приказна“. Ако некогаш сте вклучиле телевизија во САД околу празниците, нема шанси да не налетате, ако досега не сте го изгледале, на „Божикна приказна“, култниот филм кој првично дебитираше во 80-тите години на минатиот век. Филмот се одвива во 1940 година и ја следи приказната на младо момче по име Ралфи додека тој смислува да добие пиштол Red Ryder BB за Божик. Во 2006 година, куќата во Кливленд, каде што беа снимени некои сцени од филмот, беше отворена како музеј. Со текот на времето, музејот е прошируван за да вклучи две дополнителни куќи во соседството, вклучително и куќата Бумпус и куќа Н и П.

Со посета на куќата од Божикна приказна, најлесно влегувате во празнично расположение во кое било време од годината. Ексклузивна можност да се прошета со водич и да се пресоздадат сите омилени моменти од филмот.

Дробак, Норвешка:Одовде се подигнува личната пошта на Дедо Мраз

Дробак, шармантен град кој се наоѓа источно од Осло, е единствениот град во Норвешка каде што празничниот дух на Божик се чувствува во текот на целата година. Популарна скандинавска народна приказна вели дека Дедо Мраз е роден под карпа во ова гратче пред неколку стотици години.

Во срцето на Дробак се наоѓа службената пошта на Трегарден, наводно лична пошта на Дедо Мраз, исполнета со списоци со божикни желби од деца низ светот. Секое добиено писмо добива одговор и има постојана изложба од околу 250.000 писма и разгледници од целиот свет кои ги красат sидовите. Впрочем, најчесто овде завршуваат многу писма од Европа, кои споделуваат слична на судбина на оние кои пристигнуваат во американскиот град Дедо Мраз од Индијана.

Овде ќе ја сретнете божикната продавница позната како Божикна куќа благодарение на која присуството на Дедо Мраз може да се почувствува насекаде. Гарантирано ќе излезете од таму со залихи од новогодишни украси, свеќи, подароци, играчки и , сè што ви сака срцето, без оглед во кое време од годината.

Исто така, оттука можете да испраќате писма до пријателите дома украсени со официјалниот печат на Дедо Мраз.

Дробак е единственото место во Норвешка каде што е легално да има посебни знаци на улиците кои предупредуваат да се внимава на Дедо Мраз. До тука е потребно само кратко возење со траект или автобус од Осло, а светот во кој влегувате се чини оддалечен светлосни години.