Во Велес во изминатите 24 часа две лица биле измамени за лажни сообраќајки кои вклучувале и нивни блиски. Како што информираат од МВР, измамниците барале пари за да им помогнат.

Во првиот случај измамена е О.С. од Велес на која во текот на вчерашниот ден пријавила дека на 5 септември била измамена за сума од 300 илјади денари односно 5 илјади евра. Нејзе и било кажано дека нејзиниот син и снаа направиле сообраќајна незгода во која со возилото удриле во дете мигрант, а измамникот наводно сакал да му помогне на синот. Таа му дала 300.000 денари, но потоа сфатила дека била измамена.

Во вториот случај, велешанецот Т.Т.(74) вчера пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 90 илјади денари или 1 500 евра. Според пријавеното, во 16 часот на фиксен телефон му се јавило лицето и му кажало дека неговата ќерка и неговиот зет направиле сообраќајна незгода и удриле дете и побарало од него пари за да им помогне. Според пријавата, тој му ги дал парите, но подоцна сфатил дека е измамен.