Недалеку од Велес постои сместување кое би се нарекло сместување на новата генерација патници, сместување кое е спој на луксузот и традицијата. Бидејќи ,,корона,, пандемијата го стесни изборот на места за одмор „РАНЧО И ВАНЧО НА КАТА“ во село Оморани претставува несекојдневна авантура. Реставрираната куќа е наменета за селски туризам, со можност за подготвување на храна и организирање на други активности, според желбите на гостите. Објектот располага со 3 соби на горниот спрат и 3 купатила, со можност за ноќевање за 8 гости. На долниот спрат се наоѓа комплетно опремена кујна, трпезарија и простор за дневен престој. Во дворот се наоѓа летна кујна, натстрешница од дрвени греди и базен, а за вистинско уживање во стилот на 19-от век, осмислен е и дел за „турско седење“. Така, на еден простор гостите можат автентично да го доловат животот во селски амбиент и истовремено да уживаат во удобноста на објектот.

Уживање во прекрасната природа на планината Јакупица, покрај реката Бабуна, во прошетки на чист воздух и дегустација на домашна храна, се убавините кои ги нуди селската куќа „Ранчо и Ванчо на Ката“. Домаќините, Катерина и Ванчо Георгиеви, кога пред 10 години решиле да купат куќа на село, биле реализирани во своите дотогашни професии. Сепак, желбата да се биде поблиску до природата и да се живее на комплетно одржлив начин, ги мотивирала да го напуштат големиот град и да се посветат на сосема поинаков повик, развој на руралниот туризам во Македонија.