Во Големата сала на Општина Велес се одржа традиционалната Новогодишна свеченост, на која беа наградени најуспешните за 2021 година. Заменик градоначалникот Коста Нојков ги поздрави присутните и им посака успешна и среќна Нова Година.
„Од името на сите граѓани на Велес во свое лично име и во име на Советот на Општина Велес им честитам на добитниците на признанијата за најуспешни во 2021 година. Токму вие сте нашите човечки вредности, нашиот поттик да одиме нанпред, да создаваме и да работиме неуморно за сегашните и идните генерации на Велес. Оваа година донесе многу предизвици, пандемија, финансиски и економски проблеми, но успеавме да се справиме со сите предизвици и пречки. Се надевам дека наредната година ќе живееме и работиме без пандемија, ослободени од стегите што ни ги наметна и ќе продолжиме да го градиме Велес во модерен и современ град од кој нема да заминуваат младите“, истакна Нојков.
Нојков им ги додели наградите на најуспешните за 2021 година.
За најдобар работник во ЈКП „Дервен“ за годинава е прогласен Трајче Шутев кој 25 години професионално ги извршува своите работни обврски во интерес на граѓаните.
Наградата за најдобар пожарникар отиде во рацете на Роберт Драскачев, вработен како возач во територијалната противпожарна единица Велес. Како резултат на долгогодишното стекнато искуство и учество во гаснење пожари е унапреден во пожарникар-водич.
За најуспешен полициски службеник е прогласен Јовица Антиќ од полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Велес. Овој унифирмиран полициски службеник со над дваесет годишно искуство е препознатлив по професионалност и одговорност.
Наградата Хуманист на Велес за 2021 година ја понесе крводарителот Ѓорѓи Митев. Овој благороден и хуман човек учествувал на бројни крводарителски акции, дарувал самоиницијативно во одделението за трансфузиологија во Велес, а по потреба се одзивал и на повик од болниците во Велес и во Скопје. Тој годинава, по 104-ти пат е впишан во книгата на крводарители и добитник е на повеќе јубилејни признанија на Црвен крст.
На денешната свеченост, Општина Велес им ги додели стишпендиите на најталентираните ученици и студенти за учебната 2021/2022 година. На средношколците стипендиите им ги додели претседателот на Комисијата за стипендирање на талентирани ученици и студенти Горан Богоевски, а на студентите претседателот на Советот на Општина Велес Зоран Љутков.
Општина Велес оваа година одлучи да додели специјално признание на припадниците на Армијата на Република Македонија, Команда за обука и доктрини Велес.
Признанието е израз на благодарност за континуираната поддршка на локалната самоуправа при елементарни непогоди, значајниот придонес за сигурноста на цивилните структури и исклучителната асистенција во справувањето со Ковид 19 кризата. Наградата ја прими потполковник Жарко Илиев.
Јубилејна награда добија и две административни службенички за своето 15 годишно работење, Билјана Шуркова Манаскова, раководителка на Одделение за заштита на животна средина и Оливера Чанева, раководителка на Одделение за финансиски прашања.
Новогодишната свеченост на Општина Велес дополнително ја збогати изведбата на балеринките од балетското студио „Анабела“ како и на дуото Ничевски.