Утрово околу 03.30 часот, пукнала цевка и во Блок 1, во РЕК Битола. Ова значи дека најголемиот енергетски капацитет РЕК Битола во моментот не произведува струја. Од ЕСМ потврдија дека има дефект, но не открија детали. Најавено е соопштение од РЕК Битола во текот на денот. Претходно поради хаварија во РЕК надвор од функција беа вториот и третиот блок поради што производството беше потпрено само на еден блок но сега и тој не работи.

„Преземавме утрово струја од европската мрежа, но не многу околу 30 до 40 мегаватчасови струја. Сепак исклучувањето на блокот во РЕК Битола не ни оди воприлог, не се знае што ќе правиме со јагленот и дали освен за РЕК Битола ќе може да се стави во функција и ТЕЦ Осломеј. Секако ситуацијата со нула домашно производство не е во добра и не ни оди во прилог, изјави првиот човек на МЕПСО Куштрим Рамадани за порталот Фактор.

Тој рече дека во моментов на компанијата и требаат околу 30 милиони евра од кои 15 милиони евра се за ликвидност. Деновиве ќе стасаат за наплата фактурите од преземањата на струја кои МЕПСО ги правеше во претходниот период. Можноста да се префрлаат пари од буџетот ќе се отвори со прогласување на кризната состојба која е планирана за утрешната владина седница.