Откако спикерот Талат Џафери работата на Собранието ја продолжи со 32-та седница, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија салата со што се растури кворумот. Координаторот на пратеничката група на ДПМНЕ Никола Мицевски побара да се почне со 36-тата седница, за, како што рече, да се изгласа економскиот пакет помош за граѓаните и стопанството.

-За да ја скратиме оваа драмолетка, немате кворум тоа е факт. Слабо ви е мнозинство и тоа е факт. Не се сите пратеници, тоа е факт. Ве молиме, констатирајте дека немате кворум за 32-та седница, ставете ја седницата 36 да ги изгласаме законите. Џабе тропате, граѓаните ви тропаат, ги чекаат парите, дајте да ги гласаме. Ве молиме еден месец. Ајде закажете ја 36-та седница – истакна Мицевски.

Во однос на тоа жестоко возврати спикерот Џафери, кој реагираше дека тој се однесува согласно процедурата, а не по нечии желби.