Градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес конференција информираше дека пред два дена имале презентација од страна на професорите од Архитектонскиот факултет кои го добиле тендерот за изработка на проектот за централното градско подрачје кое вклучува три локации. Првата локација е од јаворите кај С’рмаале до кружниот тек кај Коњаникот. Втората локација ги опфаќа јавните површини кои се наоѓаат од спротивна страна на поранешната Стоковна куќа. Третата локација го опфаќа просторот на малиот паркинг вклучително и поврзување на малиот паркинг со градскиот саат. Имаме многу добро решение кое врз основа на нашите забелешки вчера имавме јавна дебата со истакнати архитекти, градежници и сообраќајци  од градот за да дадеме коментари. Очекувам дека за две недели ќе го добиеме конечното решение со кое ќе конкурираме на јавниот повик на Европска унија. Во првата фаза бевме прворангирани како општина заради тоа што тој проект од Европска унија бара иновативни современи решенија што ги нема во Македонија на регулирање на сообраќајот, одржливата урбана мобилност. Се надевам дека врз основа на овие предлози што ќе ги добиеме кои предвидуваат сосем понакво регулирање на сообраќајот, подземно паркирање под сегашниот паркинг пред судот, а горе да биде плоштад. По главната улица да се движат само во еден правец автобуси , а целиот друг сообраќај да биде префрлен по улиците Гоце Делчев и Страшо Пинџур. Горе да има кружен тек на сообраќај пред јаворите, а постоечкиот кружен тек да добие елипсовидна форма, а на плоштадот да се предвидат содржини со кои би го направиле пак да биде култно место за движење, собирање на граѓаните на Велес. Целта ни е на просторот карши Стоковната куќа да го организираме поинаку, предвидуваме и перок на железничката пруга за да може перспективно да отвориме можност за локален железнички превоз од Чашка до Градско кој би поминувал низ Велес и тука би имало постојка. Просторот предвидуваме да има зеленило со клупи и други содржини за младите и за возрасните, а на делот каде што е малиот паркинг предвидуваме содржини кои ќе му дадат нова димензија и значење на тој дел и ќе го направат просторот да функционира заедно со Градскиот саат да може туристите да стигнуваат до таму. Предвидено е да има пешачки патеки и велосипедски патеки, изнајмување на велосипеди и електро мобили, информираше Коцевски на денешниот прес.